Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во францускиот град Нант, оваа недела, една навидум обична пациентка влегла во аптека. Но, испаднало дека не е дојдена да купи никаков лек и воопшто не е здравствена пациентка, туку жртва на семејно насилство, кое сака да го пријави во аптеката. Се обратила таму бидејќи аптеките во Франција се едни од ретките места сè уште отворени откако државата воведе строги мерки за да спречи ширење на коронавируси.
Жената не дошла по лек, туку да му каже на фармацевтот дека нејзиниот партнер ја злоупотребил, јави Си-Ен-Ен. Набргу потоа, партнерот на жената бил уапсен од полицијата. Поради пандемијата на коронавирус, повеќето земји презедоа строги мерки за да се намали физичкото растојание на јавни места , а најголем број од луѓето се дома. Овие мерки резултираа во злоупотреба на жените , кои престојуваат долг период сами во домот со своите партнери. Некои од нив не можат да го пријават насилството, а некои се плашат да ја повикаат полицијата.
Така, Франција, по примерот Шпанија, започна кампања во која ги повикува жртвите на насилство да се пријават во аптеките. Доколку не можат да зборуваат отворено во аптека, само на фармацевтите што стојат зад пултот треба да им се каже кодот „Маска 19“.
Жената од Нант е првата жртва што побарала помош на таков начин, изјави портпаролката на француското Министерство за родова еднаквост.
Бидејќи мерките за изолација стануваат построги во Европа, невладините организации и полицијата предупредуваат на потенцијално зголемување на семејното насилство. Затворени сами во домовите со своите насилници, жртвите стануваат уште поранливи бидејќи нема каде да избегаат. Покрај тоа, бројни студии покажуваат дека емоционално стресните ситуации можат да доведат до зголемување на агресивното однесување дома. Зголемување на семејното насилство е забележано и за време на економската криза во 2008 година.
Кристоф Кастанер, француски министер за внатрешни работи, рече дека полициските интервенции се зголемени за 36 проценти од воведувањето на изолацијта и тоа заради семејно насилство. Затоа, Владата објави дека ќе плати 20,000 ноќевања во хотелски соби за жртвите на насилство и отвори поп-ап советувалишта во супермаркетите.
Има загрижувачки извештаи кои доаѓаат и од другите европски земји.
„Родовото насилство отсекогаш постоело, но кризата го влошува“, изјави Симоне Амерата, која работи во засолниште за жени во Рим. Една млада жена која стапила во контакт со нив рекла дека нејзиниот долгогодишен партнер кој секогаш бил љубоморен и ја малтретирал за време на пандемијата бил уште полош. Таа го замолила да замине, но тој не сакал. Пандемијата на коронавирус го прегази италијанскиот здравствен систем и локалните власти се принудени да ги пренасочуваат своите ресурси за да го спречат ширењето на Ковид-19.
„Судскиот систем, исто така, е забавен бидејќи повеќето луѓе работат од дома. Постојат стравувања дека мерките за заштита на жените нема да бидат применети навреме “, рече Амерата.
И проблемот не е ограничен на Европа. Австралиската влада објави дека забележале зголемување од 75 проценти при пребарувањето на „Гугл“ за термини поврзани со помагање на жртвите на семејно насилство во однос на последните пет години. И владата обезбеди дополнителни 90 милиони долари за да им помогне на жртвите на семејно насилство во пресрет на пандемијата на коронавирус.