Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
И покрај повиците да ја одложи оваа долгоочекувана изјава, холандскиот премиер Марк Руте се извини во име на својата влада за историската улога на Холандија во ропството и трговијата со робови.
„Денес се извинувам во име на холандската влада за дејствувањето на холандската држава во минатото“, кажа синоќа Руте во долгоочекуваниот говор за ропството во Националниот архив во Хаг. Говорот со тишина го дочека поканетата публика.
Руте се извини иако некои групи активисти побараа да чека до 1 јули следната година и годишнината од укинувањето на ропството во земјата. Некои дури се обидоа преку судови да го спречат неговиот говор, но безуспешно.
„Знаеме дека нема добар момент за сите, нема вистински зборови за сите, нема вистинско место за сите“, кажа Руте.
Тој кажа дека владата ќе формира фонд за иницијативите кои ќе помогнат да се избори со наследството на ропството во Холандија и нејзините поранешни колонии.
Активистите сметаат дека следната година е всушност 150-годишнина од аболицијата на ропството бидејќи многу робови биле приморани да продолжат да работат на плантажите деценија по укинувањето на ропството.
Ропството официјално било укинато во Суринам и другите територии кои ги држела Холандија на 1 јули 1863 година, но навистина прекинало дури во 1873 година, по 10 години „транзициски“ период.
Холандската влада претходно изрази длабоко жалење поради историската улога на земјата во ропството, но не даде официјално извинување. Руте многу претходно кажа дека таквата изјава би можела да го поларизира општеството, но сега мнозинството во парламентот го поддржува извинувањето.
Говорот на премиерот е одговор на извештајот кој минатата година го објави советодавниот одбор на владата. Препораките на одборот вклучуваа извинување на владата и признавање дека трговијата со робови и ропството од 17 век до нивното укинување, кое се случило директно или индиректно под холандска управа, претставуваат злосторство против човештвото.
Во извештајот е наведено дека она што го нарекуваат институционален расизам во Холандија не може да се гледа одвоено од повеќето векови ропство и колонијализам и идеите кои настанале во тој контекст.
Владата наведе претходно дека 2023 година ќе биде година на сеќавање на ропството кога земјата ќе размислува за својата болна историја, и за тоа како таа историја игра негативна улога во животите на многумина денес.