Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Работната група за подготвување на предлог-иницијатива за потребата од измени на Уставот на Република Македонија ја одржа првата, конститутивна седница, информираа од Министерството за правда.
Членовите на работната група едногласно ја избрале Маргарита Цаца-Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за претседател, а за заменик претседател го избрале Бајрам Положани, поранешен судија во Уставниот суд и професор по уставно право.
Предлагач на уставните измени е Владата која го задолжи Министерството за правда да формира работната група. Работната група ќе има за задача да ја подготви предлог-иницијативата за потребата од уставните измени. По изготвувањето на предлогот тој ќе биде доставен до Владата која ќе треба да ја поднесе иницијативата во Собрание. Предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието.
Работната група има 23 членови од кои 10 се од редот на експертите, 10 се предлози на политички партии и 3 членови се од институции, Кабинет на претседател на РСМ, МНР и СЕП .
Експерти во работната група ќе бидат:
Сали Мурати – поранешен претседател на Уставен суд
Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур
Бајрам Положани – поранешен уставен судија и професор по уставно право
Бранко Наумовски – поранешен претседател на Уставен суд
Јетон Шасивари – професор на Универзитетот на ЈИЕ
Ана Чупеска – професор на Правен факултет ,,Јустинијан Први”
Елена Михајлова Стратилати – професор на Правен факултет „Јустинијан Први“
Беса Арифи – професор на Универзитетот на ЈИЕ
Јагода Митревска – професор на Меѓународен Славјански Универзитет
Марија Пандевска – професор на Институт за национална историја
Членови на работната група предложени од партиите:
Цветанка Иванова – СДСМ
Арбер Адеми – ДУИ
Ремзи Мехмеди – Алијанса на Албанците
Соња Мираковска – НСДП
Нано Ружин – ЛДП
Христа Најданов – ДОМ
Темелко Ристески – Партија на пензионери
Раметула Куќи – ДПА
Еран Куртиш – Партија за движење на Турците
Бејџан Илјас – Демократска партија на Турците
Предлози од институции:
Александар Спасов – Кабинет на претседател на Република Македонија
Драган Тилев – Секретаријат за европски прашања
Шпенд Садики – Министерство за надворешни работи
Претседателот Стево Пендаровски денеска оцени дека членовите на работната група ќе немаат многу работа бидејќи се знае која е обврската што треба да се спроведе.
Претседателот го повтори и својот став дека нема ништо страшно да се вметнат Бугарите во Уставот.
„Јас преку мој претставник учествувам и со тоа го кажувам јасно мојот политички став дека сум за тие уставни промени, не мислам дека се тие нешто страшно за нас и не мислам дека ако ги внесеме Бугарите во Уставот заедно со другите шест-седум делови од народи дека државата ќе пропадне“, рече Пендаровски.
Почетокот на работата денеска во одговор на новинарски прашања го коментираше и премиерот Димитар Ковачевски, кој рече дека ќе се работи транспарентно.