Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Македонската академија на науките и уметностите се огласи со свој став во врска со законот за употреба на јазиците, кој е во собраниска процедура. Според Академијата, пред усвојувањето на предлог-законот за употреба на јазиците во Собранието потребно е да се отвори стручна и научна расправа за одделни прашања што ги регулира ова законско решение со учество на експерти од повеќе профили: лингвисти (македонисти, албанолози, специјалисти од областа на ареалната лингвистика), правници, социолози и сл.
„Стручната и научната дебата ќе придонесе подобро да се разберат предложените решенија, да се расчистат одделни недоречености што може да создаваат проблеми при примената на законот во практиката, да се разјаснат некои спротивставени толкувања кои се појавија во досегашната расправа и сл. За сите отворени прашања и дилеми поврзани со оваа проблематика пратениците во Собранието, респектирајќи ги стручните и научните мислења, треба да иницираат конструктивна дебата, заснована врз принципите на отвореност, толерантност, заемно уважување и избегнување секаков вид ултимативност и исклучивост, од која страна и да доаѓаат“, е ставот на МАНУ.
Според Академијата, јазичниот плурализам е иманентна карактеристика на мултикултурното општество, па оттука легитимни се инсистирањата на заедниците за унапредување на нивните јазични права.
„Македонците треба да го почитуваат тоа и да покажат интерес за јазиците на своите сограѓани и за унапредување на нивните јазични права, култура и традиции. Но, и обратно – претставниците на другите заедници мора да покажат разбирање, толерантност и респект за македонскиот јазик, како јазик на мнозинскиот народ и за неговата интегративна, обединувачка функција. Предлог-законот за јазиците, според МАНУ, респектирајќи го принципот на бројната застапеност на заедниците, значајно ја проширува и ја унапредува примената на албанскиот јазик во Република Македонија со цел да се затвори едно отворено прашање, кое создава меѓуетнички тензии и по промената на Уставот во 2001 година.
„Македонската академија на науките и уметностите цврсто стои на гледиштето дека Република Македонија треба да ја градиме и да ја развиваме како демократско, економски просперитетно и европски ориентирано мултиетничко и мултикултурно општество“, се истакнува во соопштението од претседателството на МАНУ во врска со предлог-законот за употребата на јазиците.