Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Судското известување за правосилната пресуда на пратеникот Никола Груевски денес беше доставено до Комисијата за мандатно-имунитетни прашања од страна на собранискиот претседател Талат Џафери. Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски, сега има рок од 15 дена да закаже седница. Рокот почнува од утре, пренесува Нова ТВ.
Во известувањето кое го испратила судијката Добрила Кацарска до Собранието, се наведува дека пратеникот е осуден на правосилна казна затвор од две години.
Комисијата за мандатно имунитетни прашања треба да одлучи дали пратеникот Груевски по ваквата пресуда е „недостоен за вршење на пратеничката функција“ што е еден од условите според собранискиот Деловник за одземање на пратеничкиот мандат.
Одземање на мандатот според Деловикот следува и за пратеник кој „неоправдано отсуствува повеќе од 6 месеци од собраниските седници“. Отсуството на Груевски, доколку замине на издржување на затворската казна сепак ќе се смета за „оправдано“.
Доколку мнозинството членови на Комисијата одлучи да му се одземе мандатот, Собранието одлучува со двотретинско мнозинство.
Адвокатите на Груевски како што веќе објави НОВАТВ ќе бараат одложување на затворската казна, но ова не ја запира постапката за одземање на мандатот на Груевски.
Доколку му буде одземен мандатот, на негово место во Собранието, седнува наредниот на листата пратеници од коалицијата „За Македонија заедно“, кои беа кандидирани во оваа изборна единица.