Мала историја на возот од Ким Јонг-ун: Што се крие во оваа „подвижна палата“?


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Каде и да оди надвор од неговата Северна Кореја, севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун секаде патува со специјален воз, кој всушност претставува вистинска подвижна палата. Последно со овој воз Ким стигна во Владивосток, каде одржа средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Фамозниот воз со кој се вози Ким Јонг-ун е наследство од неговиот татко, Ким Јонг-ил, кој некогаш патувал во Кина и во Виетнам.

Оклопниот воз бил подарок за Северна Кореја од Сталин. Локомотивата и вагоните во повеќе наврати биле модернизирани во изминативе децении, а композицијата ја сочинуваат 10 до 17 оклопни вагони. Без телохранители севернокорејските лидери никогаш не патувале, поради што оваа железничка композиција претставува вистинска тврдина.

Иако однадвор возот изгледа доста скромно, внатре е вистински дворец на шини. Вагоните се различни, па така има и ресторан, и кујна, и таканаречен „економски“ вагон што лидерот на Северна Кореја го користи за советување во текот на патувањето. Предвидени се и посебни вагони за телохранителите и за послугата.

Секој вагон е непробиен благодарение на најсовремената технологија. Додека патничкиот вагон тежи 60 тони, вагонот на севернокорејскиот лидер тежи околу 80 тони. За него е користен специјален материјал за криење од шпиони што би можеле да го следат лидерот. Очигледно е дека севернокорејскиот државен врв стравува од надзор од Јапонија и од САД. Не се знае многу за оваа технологија, меѓутоа, се знае дека во возот постојат средства за заштита од звучни и радарски шпионски уреди. Сите канали за комуникација во возот се кодирани за заштита од прислушување.

Возот поседува систем за херметички да се затвори и за принудна вентилација. Овие функции би му овозможиле на лидерот да преживее во случај на нуклеарен, хемиски или бактериолошки напад.