Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Епилогот од скандалот со 650-те откриени кутии со МРП вакцини со погрешна декларација на која пишуваше застарен рок е максимална парична казна за увозникот „Македонијалек“, како и казни за вработените во вакциналните пунктови каде беа откриени ваквите пакувања со вакцини.
„Го констатираа бројот, извештајот е готов и сега ќе се продолжи во насока на санкционирање на оваа постапка кон веледрогеријата „Македонијалек“. Ќе инсистираме тоа да биде максималната казна, со оглед на тоа што сметаме дека ваков тип прекршок, кој сериозно го урива угледот на јавното здравство не треба никогаш повеќе да се повтори. Ова ќе биде укажување за сите, како внимателно да ги следат овие внатрешни процеси“, изјави министерот Венко Филипче.
Тој додаде дека ќе се повикаат на одговорност сите директори на здравствените домови и тие коишто се задолжени за прием на вакцината, а не укажале на овој пропуст и зошто не се детектирала разлика меѓу вистинскиот рок, кој е добар, и тој на погрешната декларација, со цел Министерството за здравство да преземе санкции кон одговорните за оваа грешка.
Филипче вели дека сепак договорот со фирмата нема да се раскине, но на следниот тендер „Македонијалек“ нема да може да конкурира.
„Овој договор е пред крај и не можеме ништо повеќе да направиме, последната количина е повлечена и тоа е всушност таа количина на која се случила оваа грешка, така што нема никаква логика сега да преземаме ништо“, рече Филипче.
Во меѓувреме заврши и состанокот со официјалните претставници на компанијата GlaxoSmithKline, кои имаа увид во вакцината, пакувањето и рокот.
„Компанијата GlaxoSmithKline не увери дека вакцината е нивен производ, дека рокот е добар и квалитетот е согласно нивните стандарди, потврден со испитување во европски лаборатории, какви што има само неколку во цела Европа и истата вакцина се користи во сите земји на ЕУ“, истакна министерот Филипче.
Зимскиот распуст за учениците нема да биде продолжен. Единствено се разгледува предлогот на Комисијата за заразни болести да се започне постапка за вакцинација во училиштата. Податоците велат дека околу 4.000 ученици од прво до деветто одделение ја немаат примено МРП вакцината.