Македонци и Срби уапсени во Чешка за одгледување на марихуана во вредност од 2 милиони евра


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во голема рација во Прага и во централниот дел на Чешка се уапсени 16 луѓе, најголем дел Срби и Македонци, кои направиле 11 модерни плантажи на марихуана во затворени простории. Чешката полиција во акцијата запленила повеќе од 7.000 стебла марихуана, која на црниот пазар би достигнала цена од околу два милиони евра, јавија чешките медиуми.

Како што соопшти чешката Национална централа за борба против наркотиците, покрај тоа што одгледувале марихуана, уапсените биле вклучени и во шверц на кокаин. Сите се во притвор и чекаат судење. Им се закануваат затворски казни до 24 години затвор. Покрај Срби и Македонци, во групата имало и Чеси.

Србите и Македонците одгледувале марихуана во технолошки многу модерни плантажи во затворени простории и ја преработувале. Технологијата што се користела ја изненадила дури и чешката полиција.

Користеле современи, релативно скапи технологии, како посебни шатори за садниците, потоа ѓубриво, за што е можно побргу марихуаната со голема содржина психоактивни материи да дојде на пазарот, објаснува Барбора Кудлачкова, портпарол на чешката Националната централа за борба против наркотиците.

При претресот на 20 куќи и деловни простории, полицијата запленила 7.246 стебла марихуана, како и 34 килограми исушена марихуана и еден килограм кокаин.