Македонските танчери со Даунов синдром освоија бронза на Светско првенство во Данска


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Танчерите со Даунов синдром од танцовото студио „Денсерс јунајтед“ учествуваа на Светското првенство во хипхоп електрик буги и брејкденс кое се одржа во главниот град на Данска, Копенхаген, каде што го освоија третото место.

„Денсерс јунајтед“ постои веќе пет години, од кои четири години работи со овие лица со Даунов синдром кои се државни прваци на Република Македонија. Ова им е второ учество на Светските првенства откако минатата година завршија шести на натпреварувањето кое се одржа во Грац, Австрија.

Сопственичката на танцовиот клуб, Сара Кочан, изјави дека танцот е многу важен за психофизичкиот развој на лицата со Даунов синдром и дека им е од голема помош при социјализацијата и инклузија во општеството.

Лицата со Даунов синдром од ова танцово студио за овогодишното светско првенство во модерни танци се подготвувале неколку месеци, но, сепак, не очекувале да издвојат ваков успех на натпреварувањето.

– За овогодишното светско првенство се спремавме неколку месеци наназад, но не очекувавме ваков успех. Дечките беа презадоволни, имаше многу насмевки и солзи радосници, вели кореографот на оваа танцова група, Виолета Балшевска.

Оваа талентирана екипа на брејкденсери која се надева на уште подобар пласман наредната година е составена од 7 члена, Ана Беќарска, Моника Бисовска, Христијан Стојанов, Дарко Ефтимовски, Ена Митревска, Александар Матовски и Оливер Блажевски.

Натпреварувањето траеше од 17 до 21 овој месец, а лицата со попреченост се натпреваруваат во повеќе танцови дицсиплини. Танчарите од „Дансерс јунајтед МК“ се натпреваруваа во интегративна паратанц група во Хип хоп. Првото и второто место во оваа група го освоија танчари од Германија.