Македонските историчари со повик за заштита на името, јазикот и историјата!


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Дваесет и шест македонски историчари, доктори по историски науки и универзитетски професори, се потпишаа во повикот во кој се спротивставуваат и ги отфрлаат обидите за, како што сметаат, редефинирање, промена и фалсификување на македонската историја, чија конечна цел, според нив, е уништување на македонската нација со сите нејзини идентитетски обележја.

Во писмо-обраќање во врска со, како што наведуваат, актуелните состојби поврзани со идентитетските прашања, тие ја повикуваат македонската јавност да ги поддржи нивните барања за одбрана на уставното име, македонскиот јазик и македонската историја.


– Исправени пред конечната разрешница на македонското прашање, која може да биде со катастрофални последици за Република Македонија и македонскиот народ, ние, како македонски интелектуалци, историчари, универзитетски професори остро се спротивставуваме на обидите за промена на вековното историско име на нашата држава – Македонија. Се спротивставуваме и ги отфрламе обидите за редефинирање, промена и фалсификување на македонската историја – чијашто конечна цел е уништување на македонската нација со сите нејзини идентитетски обележја, пишува во писмото-обраќање на историчарите.


Тие ги повикуваат сите општествено-политички фактори во Република Македонија да застанат во одбраната на уставното име, македонскиот јазик и македонската историја.

– Како интелектуалци ја повикуваме власта и опозицијата во Република Македонија да постигнат единство околу македонските државни и национални интереси и да пристапат кон изготвување македонска државна стратегија во која јасно ќе бидат дефинирани столбовите на македонската државност за кои ќе нема никакви преговори, пишува во писмото-обраќање потпишано од 26 историчари, меѓу кои Виолета Ачкоска, Тодор Чепреганов, Никола Жежов, Михајло Миновски, Александар Стојчев, Новица Велјановски…