Македонскиот уметник Киро Урдин одликуван со орден „Витез во редот на уметноста и книжевноста“ на Француската Република


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Познатиот македонски уметник со светско реноме Киро Урдин денеска е одликуван со орден „Витез во редот на уметноста и книжевноста“ на Француската Република, за придонес во развојот на пријателството и културните врски меѓу Франција и Македонија.

На свеченоста во француската резиденција во Скопје во присуство на негови блиски, пријатели и почитувачи орденот на Урдин му го врачи амбасадорот на Република Франција Сирил Бомгартнер кој се осврна на неговиот плодотворен и уникатен творечки пат. Од почетоците кога како несуден адвокат со завршен правен факултет на Универзитетот во Белград заминува за Париз во 70-те години, градот на светлината и колевката на уметноста, преку работата во најразлични простори на сите пет континенти се до денешни дни, стекнувајќи меѓународен углед, амбасадорот Бомгартнер посебно се задржа на „планетаризмот“, движење основано од Урдин.

-Со оглед дека вие секогаш на големо ги гледате работите, вашето најпознато дело до овој ден е „Планетариум“, слика масло на платно која се протега на површина од 48 метри квадратни. Тоа е првото платно на кое што се работеле ширум светот. Вашата идеја беше да се интегрираат во една голема слика сите оние простори што ги бевте посетиле, и на некој начин да создадете дело кое би било симбол за светот како една нераздвојна целина. Ви требаа повеќе од две години за да го создадете тоа големо дело ширум 30-тина простори на сите пет континенти, во кое се опфатени големите урбани и современи центри, се до културно-историски знаменитости од античко време, како што е Ѕидот на плачот во Ерусалим или гробот на Исус Христос, рече меѓу другото Бомгартнер.

Тој потсети дека за „Планетариумот“ е реализран и документарен филм кој го следи создавањето на ова големо уметничко патувањем. Режирано од страна на Иван Митевски овој филм ќе ја добие наградата за најдобар документарен филм на Фестивалот на независниот филм во Њујорк во 2005 година. Францускиот амбасадор се осврна и на другите уметнички форми на кои твори Урдин како книжевноста (објавени 15-та збирки афоризми), скулптурата, фотографијата и филозофијата, како и повеќе документарни филмови.

-Драг Киро вие сте врска меѓу културите на Северна Македонија и на Франција. Вие сте голем уметник, воедно, исто толку харизматичен колку што сте и голем хуманист. Овој свет е можеби малку претесен за вас. Вие постојано го крстарите, придвижен од вашата желба да создадете мостови помеѓу различните култури со цел да направите конвергирање на сите форми на уметност. Тоа е воедно и мотото на вашето движење „Планетаризам“ – Една точка насекаде, сите во една точка!. Една уметност насекаде, сите во една уметност!. Оваа награда на мојата земја е за еден животен пат, едно дело, пријателство, но пред се, еден омаж на големиот талент што го носите со себе, истакна амбасадорот Бомгартнер.

Уметникот Урдин возбуден од овој чин изрази голема благодарност за високото француско одличје, но и за историската можност која ја имал да живее и твори во Париз, како што вели, местото на неговата втора младост.

-Имам две младости. Една која ја поминав во Македонија, каде се родив и мојата втора младост во Париз. Мојот уметнички живот почна во Париз, а она што ме фасцинираше и она што научив најмногу е од културата на обичниот француски човек, кој има една длабока традиција во сликарството, но и во филозофијата и литературата. Неизвесноста на животот секогаш е присутна, особено за уметниците, меѓутоа кога постои љубов за нешто секоја препрека може да се надмине. Благодарение на тој француски дух, голем број интелектуалци (Миро, Пикасо, Шагал.. Хемингвеј) кои дојдоа во Париз ја имаа таа можност да го почувствуваме тој дух на Париз кој има сензибилитет да апсорбира од неговото богатство. Колку времето минува станува се појасно дека има нешто што е најбитно – а тоа е уметноста, љубовта, пријателството и верување не само во самиот себе туку и во другите. Ќе си дозволам да го цитирам Волтер – ќе се борам до последната капка крв мислењето на другите да биде различно од моето, порача Урдин.

Тој подари своја слика на француската резиденција изработена специјално токму по повод врачувањето на ова одликување наречена „Црвена галаксија“.

Орденот „Витез во редот на уметноста и книжевноста“ е одликување во Франција е востановено на 2 мај 1957 година. Го доделува француското Министерство за култура на лица кои се истакнале со своето творештво во уметноста и книжевноста или придонеле за нивно ширење во Франција и во светот. Во земјава носители на ова одличје се и режисерката Теона Митевска Стругар, поранешната директорка на Македонската филхармонија и солистка Маја Чанаќевиќ, Јордан Плевнеш, Мими Ѓорговска – Илиевска и фотографот Роберт Јанкулоски.