Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Со вчерашната конститутивна седница на акциската група во која покрај владини членуваат и претставници на останатите клучни органи во земјата, започна борбата за справување со лажните вести и дезинформациите во Македонија.
Целта е преку два типа на мерки – безбедносни, кои опфаќаат ревидирање и создавање нови комункациски протоколи, и проактивни, кои би произлегеле од широка јаван дебата со вклучување на новинарскиот еснаф, да се превенира ширењето непроверени и лажни информации.
Во изминатите години Македонија континурано беше таргетирана од т.н. фејк њуз, особено во периодот на склучување и финализирање на Договорот од Преспа.
„Кампањата за лажни вести за Договорот од Преспа имаше за цел да ги дезинформира граѓаните преку пласирање на лажни или искривени факти да ги дестимулира да излезат на гласање за да се дискредитира референдумот, а најголем интензитет имаше и на самиот референдум. Тезите кои се пласирани во јавноста беа: ‘Го губиме идентитетот и се брише се што е македонско’, ‘Се менуваат меѓународните кодови и кратенки’, беа дел од насловите“, рече премиерот Зоран Заев.
Шефот на државата, Стево Пендаровски, повика на здруженост на сите фактори за успешно справување со дезинформациите кои глобално стануваат и безбедносен ризик за демократиите.
„Ја поддржувам и оваа и секоја друга иницијатива која на една маса ќе ги седне и државните институции и медиумите затоа што борбата со лажните вести не може да биде добиена без вклучување на медиумската заедница. Медиумите се столбот на една демократија. Општество во кое нема силни медиуми и квалитетни медиумски производи е општество во кое демократијата не може да се развива“, истакна Пендаровски.
Во 2016-тата во екот на претседателската кампања во САД, Македонија се најде на светската мапа како извор на лажни вести поради низата сајтови од Велес кои пласираа дезинформации.
За тоа дека овие активности сè уште се присутни во земјава зборува и текстот на Вашингтон пост објавен пред два дена дека фејсбук страницата „Ветерани за Трамп“, во која екс-армиски припадници дебатираат и го советуваат претседателот Трамп, од март е „киднапирана“ од бизнисмен од Северна Македонија.