Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Родум од Прилеп, растена и порасната во Струга, а високообразована во Русија, Ивона Василеска апсолутно заслужено можеме да ја наречеме македонски научен гениј од светски ков.
Факултет и магистерски студии од областа на атомска и нуклеарна физика завршила во Москва, како првенец на генерација, а сега е на докторски студии во Словенија. Таа е и соработник на ИТЕР, светска организација од Франција посветена на искористување на плазмата како нов вид енергија.
Василеска вели дека отсекогаш ја привлекувале природните науки и уште од најмали нозе била премногу љубопитна за природните појави, како настанале, зошто се случуваат… Кога во седмо одделение првпат се запознала со физиката, си рекла дека тоа е она вистинското со кое ќе се занимава професионално.
„Во осмо одделение учествував на регионалниот натпревар по физика што се одржа во Битола, па се пласирав на републички натпревар и го освоив третото место. Потоа се запишав во гимназијата „Д-р Ибрахим Темо“ од Струга, на природно-математичка насока. Благодарение на мојата професорка по физика и професорот по математика, нормално затоа што без математика нема физика, продолжив секоја година да ги посетувам натпреварите по физика и да постигнувам добри резултати. Таму ми се роди и желбата да студирам физика во некоја земја каде што физиката е онаа вистинската, со историски развој и со резултати постигнати со труд. Затоа ја избрав Русија“ – вели Василеска.
Ивона всушност секогаш имала замисла дека во Русија физиката се изучува на посебен начин. Аплицирала на конкурсот на Министерството за образование и наука во соработка со руското министерство за бесплатно студирање во Русија. Добила стипендија и така почнала нејзината авантура. Во почетокот студирала една година во Санкт Петербург на подготвителен факултет каде што учела руски јазик и научен стил на руски јазик, како и физика, математика и информатика на руски јазик.
„Кога го завршив, се префрлив и се запишав прва година на Факултетот за природни науки при рускиот државен Универзитет дружби на народите, Москва. Го одбрав затоа што има посебен дух и позитивна енергија во која јас многу се пронајдов“ – вели таа.
Таа дипломирала во 2014 година на насоката атомска и нуклеарна физика како првенец на генерација. Вели дека оваа област најмногу ја привлекла.
„Многу работи сѐ уште не се научно докажани, има уште многу да се истражува, и љубопитноста си го направи своето. Мојот ментор тогаш премногу ми помогна и соработката што ја имавме навистина ме втурна кон целта за да успеам. Кога дипломирав, не ни знаев дека ќе бидам избрана за првенец на генерација. На свеченото доделување на дипломите ме известија и дека сум единствен странец што досега бил првенец на генерација и тоа чувство никогаш не би го заборавила. Исто така, и мојата дипломска работа беше прогласена за најдобра. Тогаш сфатив дека трудот, работата и љубовта кон она што се работи се трите причини за успех. Понатаму продолжив на магистратура во областа на плазмена физика и повторно бев избрана за првенец на генерација во 2016, каде што исто така мојата магистерска теза беше прогласена за најдобра. Тогаш добив и благодарност од ректорот на универзитетот за континуираната научна работа затоа што во текот на моето 6-годишно студирање учествував на конференции, натпревари по физика и го претставував факултетот, а и универзитетот во најдобро светло“ – раскажува таа.
Извор: Факултети