Македонската влада обезбеди 71,5 милиони евра за третата фаза за пругата кон Бугарија


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Со ревидираната Секторска оперативна програма за транспорт 2014 – 2020 од ИПА 2 програмата, за третата делница од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир од инфраструктурниот проект за железничка врска со Бугарија, македонската влада обезбедени 71,5 милиони евра.

Нашата земја веќе обезбеди кредитно задолжување во висина од 68,6 милиони евра за третата фаза од пругата кон Бугарија. Имено, дел од подигнатиот кредит од 145 милиони евра од ЕБОР за пругата Бељаковце – Крива Паланка се пренамени за последната и најтешка делница од капиталниот проект.

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека вкупните средства од оваа ИПА програма изнесуваат 127,2 милиони евра. Покрај за пругата кон Бугарија, со европски пари ќе се финансира изградбата на втората фаза од експресниот пат Градско – Прилеп, реконструкцијата на магистралниот пат Куманово – Ранковце, изградбата на трета лента на патот Градско – Прилеп на делницата Плетвар и замената за заштитните огради на автопатот од Коридор 10, во должина од 100 километри. За овие проекти од секторот патишта ќе се вложат 48,7 милиони евра.

Во поглед на техничката помош, обезбедени се европски средства во висина од 7 милиони евра. Тие ќе се искористат за изработка на проектна документација за изградба на велосипедски патеки во Скопје, Тетово, Штип и Охрид, замена на сигнализацијата на железничките премини и изградба на мултимодален јазол во село Трубарево.