Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Македонската филмска режисерка Тамара Котевска, која јавноста на голема врата ја запозна со филмскиот хит „Медена земја“ на кој работеше како еден од главните членови на филмскиот тим, е првиот автор од државата, која е поканета на ексклузивен настан во рамки на Фестивалот во Венеција.
Котевска вечер ќе одржи свечен говор за филмови, кои имаат моќно социјално влијание и прават општествена промена и официјално ќе ја најави премиерата на нејзиниот нов долгометражен документарен филм „The Walk“.
Ексклузивниот настан „Lights Camera Impact“ секоја година кани три светски реномирани автори чие последователно творештво се филмови, кои имаат потенцијал да влијаат на општеството и да ја менуваат свеста на луѓето за одредени важни социјални теми. Котевска на „Lights Camera Impact“ ќе одржи говор за моќта на филмот како медиум, да прави промена во општеството, со што ќе ја најави светската премиера на нејзиниот нов документарен филм „The Walk“, која ќе се случи во ноември годинава.
Како главен продуцент на филмот „The Walk“ се потпишува една од најголемите филмски компании за документарни филмови во Англија, GRAIN MEDIA, која зад себе има многу награди, меѓу кои и неколку Оскари. Позади неа стојат познати оскаровски имињата како: Orlando von Einsiedel (Virunga, Learning how to skateboard in a war zone if you are a girl), Stephen Daldry (The Hours, The Reader) и Tracey Steward (Slum-dog Millionaire, 2 Popes etc).
Филмот е поддржан и од македонската Агенцијата за филм како малцинска копродукција, а како македонски копродуцент се јавува ОХО продукција.
„Ова е успех од светски рамки, авторот да биде еден од тие кои можат со своите дела да влијаат во општеството, во светот. Драго ми е што Агенцијата за филм застана позади новиот проект на Котевска. Ова е уште една потврда дека жените автори имаат поинаков сенс и пристап кон документарниот филм“, изјави Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.