МАКЕДОНИЈА СРЕДЕ ОГРОМНИ ПРЕДИЗВИЦИ го празнува Денот на независноста!


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На денешен ден во 1991г беше одржан референдум кој резултира со прогласување на независност на Македонија од Социјалистичка Федеративна Република Југославија. 27 години подоцна, Македонија е пред нов предизвик – на 30 септември ќе биде исправена пред нов референдум на кој ќе се гласа за промена на уставното име.

Референдумот во Македонија се одржа во предвечерјето на распадот на СФРЈ на 8 септември 1991 г. Врз основа на плебисцитот од декември 1990 година на кој словенечкиот народ со уверливо мнозинство се определил за градење суверена држава и Декларацијата за независност, на 24 јуни следната година Словенија прогласила независност. Веднаш по тој чин дошло до оружени конфликти меѓу ЈНА и словенечката територијална одбрана. Воениот судир завршил за триесетина дена со Брионската декларација и повлекување на единиците на ЈНА од Словенија во Србија и во БиХ.

Истиот ден заедно со Словенија, врз основа на одлука на Соборот независност прогласила и Хрватска. На 6 мај избиле нереди, а потоа дошло и до престрелки во и околу поморската база „Лора“ во Сплит. Прва жртва на немирите бил војникот Сашо Гешковски од Кавадарци, кој извршувал стражарска служба.

Сплитските настани биле почеток на зачестените инциденти и оружени пресметки меѓу силите на Југословенската народна армија и Хрватската национална гарда кои потоа добивале сè повеќе на интензитет, се прошириле и пераснале во отворен оружен конфликт.

Тоа создало и хаотична состојба и во БиХ со прогласувањето на Источна Херцеговина, областа Романија и Босанската Краина за Српски автономни области кои се ставиле под директна јурисдикција на сојузната власт, односно на раководството во Србија.

Со цел мирно решавање на кризата, на 27 август Eвропската заедница ја донела Декларацијата за Југославија. Биле потпишани и два документа – Спогодба за прекин на огнот, една од многуте безуспешни што потоа ќе следат и Меморандум за проширување на посматрачките активности на ЕЗ во Југославија со кои се операционализираше Декларацијата.

Потпис на Декларацијата ставиле тогашниот претседател на претседателството на СФРЈ Стипе Месиќ, од име на Сојузниот извршен совет Анте Марковиќ, како и претседателите на сите шест републики. Од името на ЕЗ Декларацијата ја потпиша Ханс Ван ден Брук, претседател на Министерскиот совет и шеф на дипломаријата на Холандија, која тогаш претседаваше со Заедницата. Со Декларацијата се гарантираше неповредивост на надворешните и внатрешните граници, право на изјаснување на народите за сопствениот суверенитет, негирање на употребата насила како политика на свршен чин, а во спротивно се предвидуваа ригорозни санкции.

ЕЗ како последен обид да ја спречи граѓанската војна која се наѕирала од развојот на југословенската криза, на 7 септември во Хаг организира Мировна конфренција за Југославија.


Согледувајќи ја состојбата во Југославија, првиот повеќепартиски македонски парламент ја усвоил Декларацијата за независност на 25 јануари 1991 година. По што следуваше и одлуката за распишување на референдум на 8 септември 1991.

На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.807 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85%, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,26% (односно 72,16% од вкупниот број на граѓани со право на глас).

Резултатите само по себе говорат за успешноста на Референдумот. Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на Референдумот се вели дека за начинот на кој беше спроведен не беа поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на Законот за републички Референдум. Комисијата ја констатираше масовноста на граѓаните со право на глас во Република Македонија кои се изјасниле “за” самостојна и суверена Македонија.

На 8 септември, на плоштадот Јосип Броз Тито, денес именуван како Македонија, Претседателот на Референдумската комисија ги соопшти првите резултати, според кои Македонија изгласа да стане независна и суверена држава. По овој повод тогашниот Претседател – Киро Глигоров ги поздрави насобраните со следниве зборови: „Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија.“

Сепак, премрежијата за Македонија не завршија тогаш. По осамостојувањето од Југославија во 1991 година, Македонија бара признавање под уставното име во Обединетите Нации, врз основа на извештајот на Бадентеровата комисија. Република Грција се спротиставува на меѓународното признавање на Македонија под уставното име, и тоа по неколку основи: Уставот на земјата, знамето и името. Со цел да го спречи признавањето на Македонија, Република Грција како земја членка на Европската Заедница, извршува притисок врз останатите земји членки преку Лисабонската декларација, која забранува било какви територијални претензии кон Република Грција, непријателска пропаганда или, воопшто, користење на терминот Македонија од страна на Република Македонија.


Во текот на 1992 година Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и меѓународната конференција за поранешна Југославија, се согласија да ја примат Македонија под уставното име, но до разрешување на спорот со Грција да ја користат привремената референца: „the former Yugoslav Republic of Macedonia“. На 7 април 1993, Советот за безбедност го одобри влезот на Македонија со Резолуцијата 817. Потпишаната спогодбата е за привременото име на Македонија
Резолуцијата е внимателно напишана и во нејзе се вели дека:

Референцата “the former Yugoslav Republic of Macedonia” е привремена референца и се користи сè додека спорот не се реши
Терминот е референца а не име, како неутрална гледна точка во спорот. Обединетите нации немаат мандат да го утврдат името на земјата.
Терминот е за користење само во Oбединетите Нации и не е обврзувачка за било кои други организации
Терминот не имплицира дека Република Македонија има било какви врски со Поранешна Југославија.


Грција и Македонија конечно ги формализираа билатералните односи со Привремената спогодба, потпишана во Њујорк на 13 септември 1995 година. Со овој договор, Македонија се согласи да го смени своето знаме (ѕвездата од Кутлеш) и да го дополни Уставот во делот на преамбулата каде што се вели дека Македонија нема никакви територијални претензии кон ниту еден од нејзините соседи. Грчката страна се обрврза да не го попречува патот на Македонија кон зачленување во институциите како што се меѓународните монетарни институции, НАТО, ОБСЕ, ЕУ и слично. Барањето за зачленување може да биде со уставното име, но Грција го задржува правото на блокада на прием ако тој не е под времената референца. Во овој договор, Македонија и Грција се ословени како првата и втората страна, или по името на главните градови: Атина и Скопје.

На крајот беше призната од скоро 140 земји, од кои 4 од 5 членки на советот за безбедност, а Грција иако не смееше го блокираше приемот на Македонија во НАТО под привремената референца. Македонија го доби спорот во Хаг, но наместо да извојува целосна победа, целиот процес доживеа неочекуван пресврт откако беше потпишана спогодбата во Преспа, со која се поништуваат сите напори на досегашните власти да добиеме признавање под уставното име.


Наместо тоа, македонските власти се согласија за промена на уставното име во Република Северна Македонија што ќе биде за севкупна употреба, забрана за користење на македонското старо знаме, забрана за користење на придавката македонски во институциите, забрана за користење на македонските имиња на градовите и селата во егејскиот дел на Македонија, промена на официјалната историографија, како и за промена на сите лични документи, регистарски таблички и тн.