Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Ништо од декемврискиот датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија за Македонија и Албанија.
Ниту амбициите на Скопје и Тирана, ниту надежта на словенечкото претседателство со Унијата имаа завршница како што се очекуваше. Земјите членки на ЕУ вчера постигнаа компромис за заклучоците за проширување, но датумот за одржување на првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана не е дел од нив.
Според преставникот на словенечкото претседателство, останува европската перспектива за земјите од Западен Балкан, но конкретно кога се однесува за Македонија и Албанија, од заклучоците исчезна временската рамка која налагаше да се најде решение за блокадата на преговорите до крајот на годинава.
Европската комисија и Советот на ЕУ изразија задоволство за компромисот постигнат во делот на проширувањето и го нарекоа „ремек дело на способноста на ЕУ да изгради компромис”, како што изјави потпретседателката на Европската Комисија, Вера Јоурова, јавува МИА од Брисел.
Сепак тој компромис повеќе не го вклучува рокот за старт на преговорите „до крајот на оваа година”.
На прашањето дали Словенија е разочарана што не ја исполни амбицијата и дали е тоа знак дека новата бугарска Влада не е подготвена за брзо отворање на преговорите со Македонија, словенечкото претседателство изјави дека е задоволно со крајниот компромис.
„Она што е важно се заклучоците на Советот, не ги споредуваме со претходните нацрти, некои формулации се тука од пред два месеца и повеќе, но бидејќи преговорите за вакви документи се многу долго, дефинитивно би го оценил денешниот ден како успех, изјави државниот секретар за европски прашања на Словенија”, Гашпер Довжан.
Тој понатаму нагласи дека ова е „пример за духот на компромис и лојална соработка на земјите членки”.
„Она што начелно предвидовме да го постигнеме не беше изводливо оваа година и ова е фактичката причина зашто ‘оваа година’ не се појавува повеќе во заклучоците”, додаде Довжан.
МИА побара објаснување зашто Македонија е третирана различно од сите други држави во овој текст преку употребата на долгото име – Република Северна Македонија, секаде, додека другите се именуваат со нивното кратко име и дали ова претставува нов спор со името на земјата овој пат наметнат од Бугарија.
„Ова е одвоено прашање, за почетокот на преговорите потребна ни е преговарачка рамка, тоа е друг процес кој ќе биде започнат, бидејќи имаме нова Влада во Бугарија и многу сме оптимисти дека ќе се тргне по одамна поставениот пат што е можно поскоро”, изјави државниот секретар на Словенија.
Во крајните заклучоци отстранета е експлицитната референца што ги поврзува процесот на проширување за Северна Македонија со имплементацијата на Договорот со Бугарија, меѓутоа оваа референца е присутна и во самата преговарачка рамка, како што објаснуваат дипломатите што имале увид во рамката.
Сепк, еден одизвестувачите од министерскиот Совет на Твитер напиша „конечно бел чад”, а еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји ги поздрави заклучоците со оценка дека тие ги посочуваат приоритетите на кои ќе се работи натаму со Западен Балкан на нивниот „ЕУ пат“.
„Ова е важен сигнал дека проширувањето е приоритет на ЕУ“, порача Вархеји.