Македонија на дното според висина на просечна плата во регионов


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Македонија и понатаму останува на дното на листата на рангирање на земјите според висината на просечната плата, како земја со најниска просечна плата во регионот, а на врвот е Словенија, велат резултатите од истражувањето кое го изврши новинската агенција „Анадолија“.

Највисоки плати во регионот имаат Словенците, чии просечни примања во мај стигнале до 1.077 евра. Со тоа Словенија стана единствената држава во регионот чија просечна плата надминува илјада евра.

За разлика од Словенија, просечната плата во Македонија во мај оваа година изнесувала 399,28 евра (24.509 денари).

Највисоко зголемување на просечната нето плата има во Хрватска. Таму платата се зголемила за 71,42 евра и достигнала 866,95 евра, во однос на истиот период лани.

Во Црна Гора просечната плата во јуни изнесувала 511 евра. Во Босна и Херцеговина во мај била на ниво од 448,59 евра, а во Србија 426 евра.

Во Црна Гора просечната нето заработувачка во јуни оваа година во однос на еден месец претходно забележала пад од 0,2 отсто, додека просечната нето заработувачка во јуни 2018 година во однос на истиот месец претходната година забележал раст од 0,2 отсто.

Според статистиките на Анадолија, просечната плата во однос на минатата година најмногу пораснала во Хрватска и тоа за 71,42 евра, во Србија пораснала за 29,71 евро, во Словенија за 21,30 евра.

Во Македонија, пак, просечната плата за разлика од лани пораснала за 7,1 отсто или 17,38 евра, во Босна за 12,46 евра.