„Македонија ќе биде дел од решението“ – нова рунда преговори во „Големото јаболко“


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Денес, со нова рунда во Њујорк, продолжуваат преговорите за изнаоѓање на решение за спорот со името помеѓу Грција и Македонија.

Посредникот во разговорите за разликата за името, Метју Нимиц на новата рунда разговори во Њујорк пред претставниците на Македонија и на Грција ги става веќе дадените идеи, кои очекува внимателно да ги разгледаат за приближување на ставовите. Специјалниот претставник на Обединетите нации смета дека е создадена позитивна атмосфера, со помалку тензии и отсуство на критички коментари, па оттука смета дека е на повидок можно решение.

„Ова е нов предлог зошто е во ново време. Некои идеи за кои зборувавме со години. Како што кажав во едно интервју пред неколку недели, нема магија овде, никој нема да открие ништо ново. Ако имаше такво нешто ќе најдевме решение пред многу години. Луѓето во Атина, во Скопје и во ОН, не се истите, па е комбинација. Но мислам дека под сегашните околности, луѓето ќе ги разгледаат различните идеи на нов начин. Ова се обидувам да го постигнам“, изјави специјалниот пратеник Метју Нимиц.

„Македонија“ ќе биде дел од идното решение, потврди Нимиц.

„Мораме да бидеме реални. Во моментов, името на земјата е Поранешна Југословенска Република Македонија, значи името Македонија е во името во Обединетите нации и е признато од Грција со тоа име. Над 100 држави ја признаа земјата како Република Македонија, значи со името Македонија. За многу држави, Македонија е поврзано со оваа земја и мислам дека можеме да најдеме решение што ќе ги исполни грчките барања и ќе ги задоволи луѓето кај северниот сосед“, изјави медијаторот Нимиц.

Средбата во Њујорк е прва годинава, а медијаторот веќе најави нови за февруари и за март. Тој инсистира на засилена динамика на разговорите за да се искористи поволниот момент.

Претходно, шефовите на дипломатиите на двете земји, Димитров и Коѕијас се договорија да имаат подиректна улога во разговорите за надминување на разликата за името.