Македонија и официјлно членка на НАТО под новото име Северна Македонија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Со денешното депонирање на инструментот за пристапување во Алијансата, кој беше направен во Вашингтон, Македонија под новото име – Северна Македонија, беше примена како полноправна, 30. членка на НАТО.

„Северна Македонија сега е дел од семејството на НАТО, семејство со 30 нации и речиси една милијарда луѓе. Семејство базирано на сигурноста дека, без оглед на предизвиците со кои се соочуваме, сите сме посилни и побезбедни заедно“, соопшти генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Во понеделник, македонското знаме ќе биде развиено на јарболот пред седиштето на Алијансата во Брисел и пред две други команди заедно со останатите 29.

„Ова е историски успех кој, по три децении независност, конечно ја потврдува нашата безбедност и ја гарантира нашата иднина. Честитки! Го заслуживме ова“, порача македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека членството на Северна Македонија „ќе поддржи поголема интеграција, демократски реформи, трговија, безбедност и стабилност во целиот регион“.

„Денеска, нашата генерација ја запиша својата прва историска победа. Денешниот датум – 27 март е датум кој ќе влезе во учебниците на нашата историја. Тоа ќе биде датум на првиот голем успех на нашата независна и суверена држава. Таму ќе пишува дека на 27 март 2020 година, Република Северна Македонија станала 30. членка на НАТО – Алијансата“, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

„Ова е историски момент кој им припаѓа на сите граѓани на нашата земја и на плејада политичари и визионери кои макотрпно во текот на изминатите три децении работеа да се оствари идејата за побезбедна и попросперитетна татковина“, порача по средбата со американската амбасадорка во земјата Кејт Брнз, шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Портпаролката на НАТО Оана Лунгеску претходно преку Твитер сподели дека земјата во справувањето со коронавирусот веќе го користи и Системот за командување со инциденти NICS.