Македонија и Албанија останаа пред вратата од ЕУ – лидерите не договорија датум за преговори


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Македонија и Албанија не добија датум за отпочнување на пристапните преговори со Европската Унија, откако на дводневниот самит на европските лидери во Брисел, првите луѓе на земјите-членки на ЕУ не дадоа заедничко зелено светло за тоа.

Челниците на институциите на ЕУ го сметаат овој заклучок како историска грешка, но без излез, главно поради противењето на Франција. Проблемот ќе се врати на агендата на ЕУ на Самитот во Загреб, посветен на Западен Балкан, во мај следната година.

Доналд Туск, претседател на Советот на Европа

„Дозволете ми да бидам јасен. Северна Македонија и Албанија не можат да бидат обвинети за ова. И двете држави направија сè што им беше побарано да сторат. И двете земји имаат право да започнат преговори за зачленување дури и денес. Тие се подготвени. За жал, некои земји-членки сè уште не се подготвени, па затоа не постигнавме позитивен договор. Лично сметам дека е грешка, но нема да коментирам повеќе. Денес сакам да испратам порака до нашите македонски и албански пријатели: Ве молам, не се откажувај! Јас целосно ја разбирам вашата фрустрација затоа што вие го исполнивте вашиот дел, но ние не го исполнивме нашиот дел.“

Жан Клуд Јункер, Претседател во заминување на Европската комисија

„Реков на почетокот на мојот мандат дека нема да има проширување за време на овој мандат. Но, овој пат прашањето не беше за тоа. Прашањето беше дали тие биле или не кандидати на потребно ниво за да дозволат започнување на преговорите. Мислам дека ова беше историска грешка.“

Франција има свои причини за упорното спротивставување. Дури и претседателот Макрон во еден момент ја напуштил просторијата за состаноци во знак на револт поради критиките и притисок кој му се вршел за да се премисли. Зад Франција застанаа Холандија и Данска, особено во врска со започнувањето на преговорите со Албанија.

Емануел Макрон, претседател на Франција

„Признаваме дека се направени обиди и одреден напредок, но сè уште гледаме на некои ситуации кои сè уште не се ставени под контрола, особено во однос на миграцијата во некои земји и владеењето на правото. Пред одредено ефективно проширување, таа мора да се реформира себеси. Некои од нас велат дека ние само ќе ја отвориме вратата за да ги започнеме преговорите што ќе траат 10 или 15 години… Не можеме само да ја отвориме вратата за некој друг да се придружи дури за 20 години…“

Германската канцеларка Ангела Меркел, која беше една од најголемите поддржувачи на случаите со Скопје и Тирана, изрази жалење поради непостигнатиот консензус. Таа изјави дека го разбира разочарувањето на граѓаните во двете земји.

Ангела Меркел, германска канцеларка

„Се разбира дека ќе работиме да останеме во комуникација со овие земји за да го задржиме надворешното влијание што е можно послабо. Ќе има разочарување. Денес разговарав со Зоран Заев по телефон. Наша цел е да се вратиме на ова прашање. Од друга страна, Франција изрази желба што ние исто така ја поддржуваме, да ги направиме процедурите за членство потранспарентни.“

Инаку, лошата вест за двете земји кои останаа оптимисти до крајот очекувајќи позитивна одлука, прв ја јави комесарот за проширување, Јоханес Хан. „Лидерите на ЕУ не успеаја да го заживеат нивното ветување за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија. Ова е екстремна разочараност“, напиша Хан на Твитер. Тој додаде дека „одбивањето да се прифати докажан напредок ќе има негативни последици, вклучително и ризик од дестабилизација на Западен Балкан, ќе влијае и во ЕУ.“

Одлуката дојде на вториот и последниот ден од самитот на лидерите на ЕУ. Дебатата за проширувањето траеше поголемиот дел од времето дури и првиот ден. Лидерите разговараа и за Брегзит, буџетот на унијата, турските акции во Сирија и за климатските промени.