Македонија гласа парламнетарно по деветти пат – прв пат со фотографии од гласачите


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Во 7 часот веќе почнаа деветтите парламентарни избори во Македонија, четврти предвремени од 2008 година. Македонските граѓани денеска ќе одлучат кому ќе му ја дадат довербата за следните 4 години да ги носи одлуките од државен интерес. Право на глас имаат 1.784.416 граѓани. Тие ќе гласаат во 6 изборни единици за 120 пратенички места.

Вчера заврши гласањето за две пратенички места во седмата изборна единица за претставници од дијаспората. На гласачкото ливче има 11 коалиции и политички партии.  Гласањето ќе заврши во 19 часот. Коалициите и партиите имаат 58 листи со 1.092 кандидати.

Од сите граѓани во избирачкиот список 1.531.368 се граѓани во Македонија.

Изборите се спроведуваат според пропорционален модел во шест изборни единици со 3.480 избирачки места во Македонија и во седмата изборна единица, за дијаспората, има 46 избирачки места.

Вчера гласаше дијаспората, болните и немоќните, затворениците и лицата во притвор и внатрешно раселените лица. Излезноста на гласачите од дијаспората беше под 50%.

Во изборната единица каде поголем број од жителите се припадници на некоја од заедниците избирачкото ливче е на македонски јазик и на нивниот мајчин јазик.

Првпат на овие избори Избирачкиот список содржи фотографии на лицата запишани во него со цел да се спречат злоупотреби.

„Важечко ќе биде гласачкото ливче кое ќе биде обележано само со заокружување на редниот број пред подносителот на листа, заокружување на симболот на подносителот на листа, или пак на целиот назив на подносителот на листа. Останатите начини на одбележување со потцртување, икс, штиклирање, останати форми, допишување нешто на страна на гласачкото ливче, ќе го направат самото ливче неважечко“, велат од ДИК.

Одржувањето на предвремените парламентарни избори во Македонија се резултат на напорите на политичките партии и меѓународната заедница за излез од двеиполгодишната политичка криза во земјата.

На 27 април 2014 година во Македонија исто така се одржаа предвремени парламентарни избори во Македонија, заедно со вториот круг од претседателските избори.

Минатите избори излезноста на гласачите беше 62,9 проценти. Најголема излезност имаше во четвртата изборна единица каде гласаа 205.398 граѓани или 73,14 отсто од запишаните гласачи. Единствената изборна единица во Македонија во која гласаа помалку од половина од гласачите во 2014 година беше шестката, каде, од тогаш регистрираните 304 илјади гласачи, гласале само 151.300.

Изборите ги следат 7.585 домашни и 667 странски набљудувачи. ОБСЕ/ОДИХР ќе мониторира со 281 додека Амбасадата на САД со 51 набљудувач.

Граѓанската асоцијација „Мост“ ќе има 3.000 набљудувачи. Од оваа асоцијација упатија апел до граѓаните да пријават каква било неправилност на бројот 080 080 080.