Македонија доби препорака од Европската комисија за отпочнување преговори со ЕУ


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Еврокомесарот Јоханес Хан и високата претставничка за надворешна политика, Федерика Могерини, потенцираа дека препораката од Европската комисија за отпочнување преговори на Северна Македонија со Европската Унија е кристално чиста и јасна.

Тие имаа позитивни зборови, пораки за засилено спроведување на реформите, но и насоки дека на потег се земјите членки на ЕУ. Хан и Могерини во Брисел ги презентираа извештаите за напредокот за земјите кандидати за членство и стратегијата за проширувањето на ЕУ за годинава. Шефицата на европската дипломатија Могерини рече дека земјава ги испорачала реформите и затоа ЕК преорачува отпочнување на преговорите.

„Импресионирани сме од успехот на Северна Македонија и Албанија од спроведувањето на реформите, но и историскиот преспански договор и решавањето на спорот за името и подобрувањето на односите со Бугарија. Двете земји се подготвени. Дискусиите сега се во земјите- членки дали тие се подготвени за отпочнување на преговорите. Тоа е комплициран процес. Не значи дека утре ќе влезат во ЕУ“. – изјави Федерика Могерини – висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Еврокомесарот Јоханес Хан истакна дека препораката на ЕК е јасна. Тој посочи и дека не може да предвиди колку брзо земјите- членки ќе донесат одлука, но е во интерес на ЕУ, тоа да се случи што поскоро за да се испрати сигнал до регионот дека е награден за сработеното. На прашање дали има разлика во препораките, бидејќи за Македонија таа е кристално чиста, додека во делот за Албанија има дополнителни забелешки и услови, Хан рече дека ситуацијата во двете земји е различна, има забелешки кај Албанија, но препораката е отворање преговори и со двете земји.

„Северна Македонија не само што продолжи со нејзината амбициозна реформска агенда, туку и постигна историски договор со Грција, решавајќи го долгогодишниот спор околу името. Ова заедно со билатералниот договор со Бугарија е пример како да се зајакнат добрососедските односи за целиот регион. Ова е светол пример за другите земји“. – изјави Хан – еврокомесар за проширување..

Клучна сепак останува одлуката на земјите членки на ЕУ за датумот за преговори, одлука која се очекува најрано во текот на јуни, но која би можела да биде одложена за јули или наесен. Според процедурата, министрите за надворешни работи на земјите – членки на ЕУ, ќе треба да расправаат за отворањето на преговорите. Досега нема согласност од сите земји- членки на ЕУ за отворање на преговорите, бидејќи во некои од нив се потребни процедури на национално ниво, а временската рамка не го дозволува тоа. Кај други земји – членки пак нема расположение за давање зелено светло, а за отпочнување на преговорите е неопходна едногласна одлука од сите членки. Бројот на земји кои се противат на стартот на преговори со Северна Македонија се зголемува. По Франција, Холандија и Данска и Берлин е против брз почеток на преговори со Северна Македонија.