Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Последниот ден од јули во Македонија носи жолта и алертна фаза со температури што во одредени делови ќе достигнат 40 степени. Токму затоа, надлежните апелираат граѓаните да ги почитуваат сите мерки за заштита од високите температури: да престојуваат во затворени простории, да внесуваат повеќе течности, но и да носат светла и лесна облека.
Според препораките на Министерството за здравство, граѓаните треба да престојуваат повеќе во затворени простории, по можност климатизирани, а ако мора да излегуваат надвор да се одмораат почесто под сенка, да носат светла и лесна облека, како и заштитни очила и капа при директна изложеност на сонце. Важно е и да се користи крема со висок заштитен фактор, да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а не масна храна, да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење и да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
При влегување во возило, пак, потребно е тоа одреден период да се проветри.
На хронично болните лица им се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Во однос на храната, од Министерството за здравство посочуваат дека поради високите температури постои зголемената можност за појава на труења и цревни заразни заболувања. Се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивна употреба, термичка подготовка и консумирање веднаш по подготовката.
„Комисијата за следење на ефектите од високите температури во континуитет ја следи состојбата и по потреба ќе предлага мерки и активности за минимизирање на евентуални штетни ефекти од високите температури“, наведува Министерството за здравство.
Поради зголемените температури, Дирекцијата за заштита и спасување согласно законот за заштита и спасување и Законот за шумите алармира за зголемена опасност од пожари на отворен простор и апелира до граѓаните на одговорно однесување со цел да се сочуваат природните богатства на земјата од неповратни штети.
„Поради зголемените температури во следните неколку денови и настапување на сушен период зголемена е опасноста од појава на пожари на отворен простор и ваквата состојба наложува мобилност на сите субјекти во заштитата од пожари- ЈП Национални шуми, Единици на локална самоуправа, Територијални противпожарни единици и УХМР. Дирекцијата за заштита и спасување апелира до граѓаните на одговорно однесување со цел да се сочуваат природните богатства на земјата од неповратни штети“, стои во соопштението од Дирекцијата за заштита и спасување.
Од Дирекцијата за заштита и спасување, воедно, посочуваат дека се подготвени во секое време да делуваат со своите материјално-технички и човечки ресурси.
Поради топлото време од Црвениот крст на Град Скопје најавија дека мобилни тимови ќе делат вода низ централното градско подрачје и поголемите автобуски постројки. Мобилните тимови ќе бидат на терен во периодот од 10 до 16 часот. Се планира дистрибуција на 800 шишиња или 400 литри вода на дневна основа.
УХМР за денеска најави топло време со максимални температури кои насекаде ќе бидат над 30 степени, а во југоисточните делови од земјава до 40 степени. Зголемена облачност се очекува утре кога ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Од недела следи стабилизирање на времето.