Мајката од Коста Кецмановиќ сведочеше што се случувало деновите пред детето да го изврши масакрот во „Владислав Рибникар“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Мајката на Коста Кецмановиќ, малолетникот што уби деветмина врсници и чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, во средата беше сослушана во полиција при што детално ја раскажа својата верзија на приказната за детството на својот син, неговото здравје, односот со врсниците, семејните односи…

Таа ги опиша и неговите денови пред масовното убиство на 3 мај, како и како изгледало утрото пред нападот, кога момчето влегло во училиштето со пиштолите на татко му и молотовите коктели, пишува Блиц. Мајката на момчето била сослушана откако Првото основно јавно обвинителство во Белград по службена должност наредило да биде сослушана за да се утврди дали го запоставила или малтретирала својот син пред тој да го изврши масакрот во училиштето.

Како што дознава Блиц, мајката го опишала Коста К. како болежлив и паметен и нагласила дека ништо не ѝ укажувало дека тој може да стане масовен убиец.

Изворот на Блиц вели дека мајката раскажала како нејзиниот син бил надвор од градот со пријател и неговата мајка пет дена пред масакрот. Таму заедно го поминале 1 мај, по што се вратиле во Белград.

„Мајката рече дека момчето се вратило во Белград со пријателот и неговата мајка. Дошол дома и се истуширал. Таа тврди дека не забележала никакви промени во неговото однесување“, вели изворот за Блиц.

Ден подоцна, на 2 мај, момчето и неговата сестра не отишле на училиште бидејќи бил неработен ден, па отишле кај баба им и дедо им, а вечерта се вратиле и заедно гледале филм. „Мајката се сеќава дека момчето во еден момент отишло во продавница да купи намирници, но дека и тој ден не видела ништо чудно во неговото однесување. Тој наводно со родителите разговарал за филмот што го гледале и други теми што го интересирале“, вели извор на Блиц.

Мајката рече дека на 3 мај, денот на масакрот, таа прва станала да им подготви појадок на момчето и неговата сестра. Нејзиниот сопруг отишол на работа, по што таа ги разбудила децата. Таа тврди дека и тогаш не забележала ништо чудно во однесувањето на својот син, освен што тој бил успорен за време на појадокот и при подготвувањето.

„Момчето наводно ѝ кажало на мајка си да не се грижи бидејќи наставничката понекогаш доцни. Мајката, тврди таа, потоа отишла да ја однесе ќерка си на училиште, а момчето останало дома и самото се подготвувало“, вели изворот.

Еден час подоцна мајката слушнала за пукањето во училиштето. Таа во полиција изјавила дека мислела дека нејзиниот син е ранет во пукањето и веднаш отишла на училиште. „Мајката вели дека била избезумена, дека сè уште и е тешко да поверува дека нејзиниот син го направил тоа и тврди дека ништо не укажувало на тоа дека вакво нешто можело да се случи“, вели изворот.

Говорејќи за воспитувањето на Коста, мајката го опиша како дете со широки интереси. Не бил импулсивен или енергичен, бил љубопитен и сакал прегратки. Последните години незадоволството го покажувал со плачење, а бил поблизок со мајка си отколку со татко му. За децата од раѓање се грижела дадилка која никогаш не се жалела на него.

Одредени промени настанале кога момчето влегло во пубертет, но мајката тоа не го сметала за драматично. На почетокот на годината почнал да се изолира во својата соба. Не ја заклучувал вратата, но сакал сестра му да излезе од собата. Почнал да се заклучува во бањата, а доаѓало до кавги поради неуредна соба или неизвршување на училишните задачи.

„Мајката раскажа дека го казнувала момчето со тоа што му забранувала телефон и компјутер. Таа исто така истакна дека не го тепала, освен можеби некогаш кога бил помал. Истакнала дека момчето веќе долго време не вклучувало компјутер кој за време на короната го користел за да игра игри со другарите. Во една прилика ѝ се пожалил на мајка си дека поради расправија бил исфрлен од врсничка група во која играле заедно. На својот мобилен телефон ги користел апликациите Инстаграм, Снепчет, Јутјуб и Тикток, а мајка му претходно му го проверувала телефонот“, вели изворот на Блиц запознаен со случајот.

Таа раскажа за настан кој се случил во шесто одделение, кога некои другари не го поканиле на роденден. На мајката тогаш класната раководителка ѝ кажала дека мислела дека другите деца му љубоморат затоа што е подобар ученик, тврди мајката.

„Таа рече дека нејзиниот син се жалел дека децата го задеваат бидејќи многу чита и не знае добро да игра фудбал. Во тој период момчето барало да ја смени смената кога ќе започне во седмо одделение бидејќи околината не му одговарала. Ова, рече таа, го направиле и мајката тврди дека во текот на летото момчето почнало интензивно да се дружи со другите деца и било позадоволно од порано. Тој дури напишал состав за својата храброст да ја промени средината“, вели изворот.

По јазичниот камп во Франција се дружел со девојчиња, а класната раководителка ѝ испратила порака на мајката во која ѝ честитала и ѝ порачала дека нејзините деца се прекрасни.

Таа се осврна и на тоа дека татко му го однел на стрелиште и го научил да пука. Таа вели дека тој сметал дека момчето треба да се запознае со опасностите од оружјето бидејќи и самиот имал негативно искуство во младоста.

„Мајката тврди дека не се согласувала момчето да оди на стрелиште, но дека не се сомневала во размислувањето на својот сопруг како татко и неговите добри намери. Таа додаде дека нејзиниот сопруг сакал да му укаже за опасноста од оружјето на синот, а притоа да му покаже и како тоа функционира, токму за оружјето да не му претставува предизвик“, рекла мајката и додала дека слушнала дека на стрелиштето има и други деца.

На почетокот и на крајот на сведочењето, таа во полиција изјави дека е скршена и изрази сочувство до семејствата на убиените.