Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Славниот научник и истражувач, сер Исак Њутн, е најпознат по неговото утврдуање на законот за гравитација. Но, генијот во слободно време се бавел и со експерименти на кои може да му позавиди и „мрачниот лорд“ Волдеморт, пренесува New York Post.
Токму како негативниот лик од серијалот со Хари Потер, Њутн активно го барал каменот на мудроста, мистичната алхемиска супстанца која на смртниците им овозможува предметите и објектите да ги претворат во сребро или злато и која има моќ да подари вечен живот.
Во својата нова книга Isaac Newton: The Asshole Who Reinvented The Universe, авторот Флоријан Фрејстетер го прикажува Њутн како беозбзирен гениј со никакви социјални вештини, кој, и покрај научните откритија, еднакво бил посветен и на алхемијата.
„Алхемијата за Њутн не била само хоби“, пишува Флоријан. „Ако ништо, би било покоректно да се каже дека истражувањата во физиката за Њутн биле повеќе хоби со кое се занимавал помеѓу неговите посветени теолошки и алхемиски истражувања“, додава тој.
Њутн бил толку опседнат со обидите и експериментите, што изградил и сопствени печки и оџаци за да може непречено да ги изведува истите. Сметал дека алхемиската потрага е толку света што за неа никогаш не зборувал јавно, туку само пишувал во шифри.
Своите алхемиски рецепти намерно ги оставал збунувачки, а неговиот рецепт за каменот на мудроста кој наводно ќе ги претворал нештата во злато содржел состојки како „огнени змејови“, „Гулабицата од Дајана“ и слични мистериозни состојки. „Такви зборови би очекувале од средновековен маѓесник. Но, не и од Њутн, нели. Сепак, тие се негови“, пишува Фејстетер.
„Њутн алхемијата ја гледал како уште еден начин за разбирање на вселената“, објаснува авторот на книгата за New York Post. „Бил убеден дека вистинскиот бог е сеприсутен, не само во спиритуална, туку и во супстанцијална форма. Поради тоа верувал дека постои некој вид на божја честичка, некој темелен дел од материјата кој би овозможил трансформација на сè во сè. Истражувањата во областа на алхемијата за него биле еднакво важни и сериозни како и оние научните од областа на физиката“.
„Од самиот почеток на научната кариера, Њутн ги исполнувал сите критериуми за луд професор“, пишува Фрејстетер, додавајќи дека како млад научник спиел по само 3-4 часа дневно, а не јадел речиси ништо.
„Како млад си пикнал игла во окото за да може повеќе да дознае за природата на светлината“, пишува авторот, истакнувајќи дека тоа не бил единствениот начин на кој Њутн си го ризикувал животот во име на науката. „Исто така, зјапал во помрачувањето на Сонцето колку што можел подолго за да утврди какво е неговото влијание врз видот. Сите овие експерименти врз себе ги поминал без губење на видот и бил длабоко фасциниран од она што го открил“, додава Фрејстетер.
Неговото алхемиско име кое го избрал било Јехова Санктус Унус, кое го користел меѓу своите колеги алхемичари. А се осудил да предвиди и кога може да дојде крајот на светот.
Предвидување базирано на истражување на Библијата
Своето истражување, додуша, го базирал на опсежни и посветени студирања на библиските текстови, од кои заклучил дека светот ќе се „ресетира“ во 2060 година, кога „Небесното кралство“ ќе надвладее на Земјата. „Крајот би можел да биде подоцна, но не гледам причина зошто би бил порано“, храбро и самоуверено изјавил Њутн.
„Њутн поминал многу време во истражување и проучување на религиозните текстови и се обидел да направи хронологија на настаните од минатото, со цел сите тие приказни да ги сложи во еден редослед“, објаснува Фрејстетер. „Бил уверен дека идните настани се предодредени од Бога. Од Библијата Њутн издвоил некои пророчки периоди. За него 2060 година била нов почеток, можеби проследен со војна или катастрофа, но ултимативен старт на нова божествена ера“, додава Фрејстетер.
Иако неговата фасцинираност од алхемијата го прикажува другото, „лудо“, лице на научникот, Фрејстетер вели дека тоа не би требало да влијае на неговата репутација, или неговата научна оставштина, кои го прават гениј и еден од најголемите и најбрилијантни умови на светот.
„Њутн бил гениј како никој друг. Никој пред него или после него, освен можеби Ајнштајн, не ги променил нашето знаење и светоглед толку фундаментално како него. Покажал дека светот може да се разбере, дека постојат нешта како природни закони и дека можат да бидат формулирани на прецизен, математички начин. Тој ја овозможил модерната наука“.