Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Двајца вработени во Општина Карпош добија прекин на работните договори и беа избркани од работа откако вчера со нивните сопружници предизвикале меѓусебна тепачка во близина на Општината. Станува збор за вработена во Секторот за поддршка за Советот на Општина Карпош и нејзин колега од Сектор за човечки ресурси.
Како што пренесува порталот СДК, расправијата започнала најпрво меѓу вработената во Општината и сопругата на нејзиниот колега. Потоа се придружиле и сопружниците при што настанала тепачка, а вработениот во Општината го нападнал мажот на неговата колешка со остар предмет.
„Станува збор за лица кои се вработени со договор за привремено ангажирани службеници. Вработените ги повредија сите етички стандарди и норми за професионално и одговорно работење. Оттука, Општина Карпош донесе одлука за прекинување на договорите за вработување на лицата кои беа дел од настанот“, велат од Општина Карпош.
Од Министерството за внатрешни работи го потврдуваат случајот велејќи дека вчера во 11.30 часот било пријавено дека на улица Драгиша Мишовиќ по претходна расправија С. А. (34) со остар предмет му нанел повреда на В. К. (37) двајцата од Скопје.
„Повредениот веднаш бил пренесен во ГОБ „8 Септември“, каде му била укажана лекарска помош. С.А. околу 18 часот сам се пријавил во Единицата за насилен криминал во Полициската станица Кисела Вода и со него бил извршен разговор. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок“, велат од МВР .
Според информации од извори добро запознаени со случајот на кои се повикува Нетпрес, од овој медиум пренесуваат дека станува збор за физичка пресметка која завршила со употреба на остар предмет, веројатно нож, и ранување, поради подолга врска на вработен во општината со негова колешка, инаку мажена жена. Таа важела меѓу колегите како добар работник и коректен колега.
Двојката, како што неофицијално дознаваме, повеќепати одела заедно на семинари и други настани, поради што и веројатно се јавил сомнежот кај сопругот, а за врската знаеле или се сомневале и вработените во општината.