Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Парламентарно опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ после првиот круг од Локалните избори во Македонија прогласи победа во поголемите градови како Штип, Прилеп, Велес, Кавадарци, а убедливо водат и во Аеродром, Кисела Вода, Охрид, Битола, Ѓорче Петров. Ова го изјави рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција пред полноќ, пренесува Слободна Европа.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, пак, вели дека СДСМ победува или има предност пред ВМРО-ДПМНЕ во повеќе од 30 општини во земјава во првиот круг од локалните избори. Од поголемите градови, во првиот круг СДСМ победи во Струмица. Државната изборна комисија поконкретни резултати најави во текот на денешниот ден, 18 октомври.
Според Мицкоски, мнозинство во советите ќе имаат во повеќе од 50 општини, вклучително и победа на градската листа во Скопје. Во прв круг, вели тој победуваат во 20 општини и за уште две очекуваат конечни резултати, а во уште 20 општини со водство одат во втор круг. Мицкоски рече дека очекува ВМРО-ДПМНЕ да има 50 илјади гласови повеќе на советничките листи од СДСМ. Заев вели дека треба да се види структурата на советите во кои, како што вели, СДСМ и коалиционите партнери имаат повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето дали размислува за предвремени парламентарни избори, Мицкоски рече дека раководството на партијата ќе ја разгледа таа опција.
Тоа нема да се случи, вели Заев, оти како што вели парламентарното мнозинство може да расте.
ВМРО-ДПМНЕ на минатите локални избори победи во само пет општини, а СДСМ имаше 57 градоначалници.
Претседателот на ДУИ Али Ахмети прогласи победа на локалните избори и рече дека неговата партија победила уште во првиот круг во Сарај, Пласница, Липково и оти е во предност во многу други општини.
„ДУИ е во значителна предност во Тетово и Чаир, во Кичево, во Струга, во Желино, во Теарце, Боговиње, ДУИ има предност во Арачиново, Долнени, во Дебар одиме во втор круг, во Гостивар зголемен е нашиот фонд на гласови за 100 проценти. Во Чашка одиме во втор круг со предност“, рече Ахмети.
Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива прогласи победа во првиот круг во Дебар и Гостивар, а според нивните информации, нивните кандидати за градоначалници одат во втор круг во пет општини. Според лидерот на Алијансата Зијадин Села, изборниот ден поминал „со уцени, притисоци и поткуп“.
Независниот кандидат и актуелен градоначалник на Куманово од иницијативата „За наше Куманово“, Максим Димитриевски најави дека влегува во вториот круг од локалните избори 2021 и дека е во водство пред кандидатите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.
Влез во вториот круг во Општина Карпош објави и лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, каде што ќе се соочи со кандидатот на СДСМ Душко Весковски и оти кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ испаднал.