Лиценцирање на туристичките водичи за поквалитетни туристички услуги


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Преку законски измени да се овозможи лиценцирање на туристичките водичи за поквалитетни услуги на туристите, како и да се воведе републичка туристичка инспекција, предлагаат здруженијата на угостителството и туризмот и на туристичките водичи при Стопанската комора на Македонија кои денеска потпишаа меморандум за соработка.

Лиценците треба да ги заменат сегашните легитимации кои туристичките водичи ги добиваат со полагање седум испити на кој било факултет за туризам во државава.

“Очекуваме да изградиме механизми со кои оваа легитимација ќе прерасне во лиценца за работа што ќе ги мотивира младите да препознаат професија во оваа дејност, да инвестираат во знаење, и да не работат како водичи само додека студираат и само нешто да раскажуваат. Има чести поплаки од туристичките агенеции дека десет водичи кажуваат 12 верзии“, рече на пресконференција Бранко Босилков, претседател на Здружението на туристички водичи при Стопанската комора на Македонија.

Новите лиценци би се обновувале на определен број години врз основа на проверка на знаење што би довело до унифицирање на презентирањето и поголема почит на самите водичи кон себеси но и кон историјата и се што прават за државата.

Според здруженијата, проблем е и дефицитот на водичи со познавање странски јазици за кои има потреба. Најголемиот дел од 380. активни водичи од вкупно регистрирани 760, зборуваат англиски, турски, француски, германски и италијански. Како пример беше посочено дека холандски јазик знаат само двајца водичи, иако од Холандија има голем број туристи.

Со воведување републичка туристичка инспекција, како што предлагаат, под мониторинг би биле и градските туристички инспектори, а ќе се елиминира и сивата економија, која, според проценките на здруженијата, одзема околу 40 проценти од работата. Реагираат и на тоа дека сегашната регулатива не предвидува директни санкции за странските туристички групи без водичи затоа што инспекторите немаат овластувања да ги казнат туку само да ја известат пазарната инспекција.

Изминатата туристичка сезона била успешна, но според здруженијата загрижувачки е падот на бројот на домашни туристи. Како позитивна ја наведуваат владината мерка за субвенционирање на хотелите кои ќе обезбедат сместување на работници со семејни приходи до 22.000 денари, која можност би ја искоритиле околу 4.000 лица.

„Домашниот туризам е во пад, а во натамошниот период ќе предложиме по примерот на Шпанија и Грција во зимските месеци кога нема туризам да субвенционираат или хотелиерите да нудат пониски цени за да можеме да го зголемиме барем руралниот домашен туризам“, рече Славе Сирачевски, заменик-претседател на Здружението за угостителство и туризам.

Во Македонија, укажа Сирачевски, број еден треба да биде алтернативниот туризам. Има голем интерес за културен туризам од туристи од Кина, Јужна Кореја, Јапонија, а во последно време и за екстремниот планински туризам.

Според статистичките податоци, во првите седум месеци од годинава во Македонија имало 525.716 туристи или за 14,2 процента повеќе во однос на истиот период лани. За 17.6 проценти е зголемен бројот на странските туристи, а кај домашните за 6,6 проценти.