Ликот замина, остнуваат легендата и песните: Згасна гласот на Вања Лазарова


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Вања Лазарова, легендарната пејачка на изворни народни песни, доајен на македонската народна музика, почина денес во Скопје. Имаше 86 години.

„Со маки сум се родила“, „Параходот замина“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“, се само дел од стотината македонски изворни народни песни што ги испеа Лазарова, чиј впечатлив глас е дел од македонското музичко наследство. Најголем дел од песните се снимени во продукцијата на МРТ. Родена на 27 април, 1930 во кратовско Страцин, има работено во Операта при МНТ, била член на Државниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“ и настапила на голем број концерти низ светот. Пеела во „Ројал Алберт хол“ во Лондон пред британската кралица Елизабета Втора и премиерот Винстон Черчил. Таа е прва македонска пејачка која има снимено плочи за најголемите издавачки куќи „Полиграм“ и „Филипс“.

Особен придонес има во соработката со групата „Анастасија“ за музиката за филмот „Пред дождот“, кој во 1994 освои „Златен лав“ во Венеција. Режисерот Милчо Манчевски ќе изјави дека дека филмската музика во „Пред дождот“ станала една од исконските, архетипски моменти на неговиот филм.

Во документарецот „Вања: Со маки сум се родила“ за нејзиниот живот и творештво, што излезе пред 2 години во режија на Синиша Евтимов, легендарната колешка Есма Реџепова-Теодосиевска рече дека Вања Лазарова е недостижна пејачка, каква што се раѓа во сто години. Златко Ориѓански рече дека во нејзиниот глас како да се содржат сите можни стилови и начини на пеење во македонската музика. Влатко Стефановски рече дека нејзината песна е саундтрак на најубавата Македонија и на културното наследство кое на суптилен начин ни се обраќа и ни раскажува за нашиот идентитет.

Вања пак, во филмот зборуваше за песната со која е цел живот – и кога била дома со најблиските и кога настапувала на светските сцени. Полна со ентузијазам и на 85 години таа тогаш рече дека најмногу би сакала пак да има концерт.

Во 2014 јавноста беше вознемирена од веста дека Лазарова живее заборавена од институциите во дом за стари лица со скромна пензија, и илјадници луѓе ја потпишаа онлајн петицијата со барање таа да добие национална пензија од Министерството за култура. Подоцна, продуцентот Иво Јанковски, чија продуцентска куќа „Трето уво“ објави три нејзини албуми („Македонски традиционални љубовни песни“, „Ритмистика“ и „Лулка“) ја подготови документацијата за Вања истата година да ја добие државната награда „11 Октомври“ во областа на културата, а со тоа по автоматизам и национална пензија од Министерството за култура.