Левица со нова иницијатива за референдум – еве како би гласело прашањето


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


„Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022“ би гласело прашањето на задолжителниот референдум за кој лидерот на Левица и дел од сопартијците денеска во Државната изборна комисија поднесоа предлог за распишување на територијата на целата држава. Димитар

Димитар Апасиев очекува нивната иницијатива, за разлика од онаа на ВМРО-ДПМНЕ, да ги помине собраниските филтри без, како што рече, Талат Џафери да изигрува уставен судија.

„Сметаме дека народот треба да го има последниот збор кога се работи за прашања од национален интерес и очекуваме да немаме проблеми како со претходната иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи иницијативата е коректно напишана од Законот за референдум. Очекуваме до крајот на неделата да бидат собрани минимум потребните потписи, очекуваме и граѓаните да дадат поддршка зашто предложивме иницијативата да се потпишува во 30 општини.“

„Дали очекувате Талат Џафери да ја прогласи оваа иницијатива за неуставна?“

„Не очекувам Талат Џафери да ја прогласи оваа иницијатива за неуставна зашто тој нема такви ингеренции, но и ако тоа се случи ние ќе го блокираме целото собрание и мислам дека тој нема да се дрзне тоа да го направи. Тој не е надлежен тоа да го прави, тој само треба да ја прими иницијативата и да ја проследи до комисиите. Толку се неговите ингеренции.“, изјави Димитар Апасиев, претседател на Левица.

Ако Џафери ја отфрли иницијативата, Апасиев најавува целосна блокада на Собранието. Левица не разговарала за поддршка, но ја очекува од останатите опозициски партии и е подготвена да разговара. Засега партијата на ВМРО-ДПМНЕ е воздржана.

„Нека дојде во Парламент, па ќе коментираме.“, изјави Христина Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ.

За владејачките социјалдемократи потегот на Левица е јасен сигнал дека станува збор за уште еден обид за закочување на евроинтеграциите.

„Во секој случај останува неспорен фактор дека Левица заедно со ВМРО-ДПМНЕ се најголемите кочничари за евроинтегративните процеси на државата, овој предлог за референдум и претходниот што беше на ВМРО-ДПМНЕ тоа недвосмислено го покажуваат. “, истакна Лидија Тасевска, СДСМ.

Иницијативата на Левица оди во Собранието кај спикерот Џафери кој ја препраќа до надлежните парламентарни комисии. Ако се утврди дека иницијативата е во ред, Собранието е должно во рок од 30 дена да донесе одлука. Ако е позитивна Левица може да почне со постапката за собирање 150.000 потписи, во рок од три месеци, неопходни за одржување референдум. Ако тие потписи бидат собрани, тогаш може да се премине на спроведување на референдумот за, кој за да биде успешен, потребно е да излезат најмалку половина од впишаните избирачи и мнозинството од нив да се изјаснат дека се, како што бара Левица, против „Продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022-ра“.