Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Британската кралица Елизабета Втора е под медицински надзор во Балморал, Шкотска, откако нејзиното здравје ги загрижи лекарите, соопшти Бакингемската палата.
„По дополнителните прегледи утринава, лекарите на кралицата се загрижени за здравјето на Нејзиното височество и препорачаа таа да остане под медицински надзор“, се вели во соопштението, пренесува Би-би-си.
Принцот од Велс и војвотката од Корнвол, Чарлс и Камила, отпатуваа во Балморал, кралската резиденција. Натаму патува и принцот Вилијам, а и Хари и Меган, војводата и војвотката од Сасекс, ќе отпатуваат за Шкотска, изјави портпаролот на двојката. И војводата од Јорк – принцот Ендру – е на пат кон Балморал. Натаму патуваат и грофот и грофицата од Весекс, Едвард и Софи, а принцезата Ана веќе е во Шкотска, каде што ги раководи работите.
Сите деца на кралицата се или во Балморал или патуваат кон Балморал, вели кралскиот дописник на Би-би-си.
Соопштението доаѓа откако кралицата (96) се повлече од виртуелниот Таен совет во средата и лекарите ѝ препорачаа да се одмори.
Премиерката Лиз Трас рече дека „целата земја е длабоко загрижена“ од веста.
„Моите мисли – и мислите на луѓето низ нашето Обединето Кралство – се со Нејзиното височество Кралицата и нејзиното семејство во овој момент“, додаде таа.
Кралицата во вторникот ја назначи Трас за премиер во Балморал, наместо да отпатува за Лондон на настанот.
Дворецот Балморал е кралска резиденција повеќе од 150 години, а за прв пат бил користен како викендичка од кралицата Викторија и принцот Алберт.
Се вели дека е една од омилените резиденции на кралицата и таа во текот на минатата година поминала повеќе време таму.