Легендите повторно во борба за врвот: Манчестер и Ајакс во финале на Лига Европа


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Манчестер Јунајтед и Ајакс ќе играат на 24.мај, на „Стадионот на пријателството“ во Солна, Шведска, во финалето на Лига Европа. Овие два тима преживеаја полуфиналните реванши против Селта односно Лион. Покрај за трофејот во Лига Европа, Јунајтед и Ајкас ќе се борат и за директен пласман во Лигата на шампионите.

Манчестер Јунајтед опасно живееше против Селта, но на крајот клучен се покажа голот на Рашфорд постигнат на првиот меч во Виго, со кој тимот на Жозе Мурињо победи со 1:0.

Селта одигра храбро на „Олд Трафорд“ и малку недостигаше да го шокира Јунајтед. Јаго Аспас имаше шанса за гол во првите десет минути, но неговиот удар го одбрани Ромеро. Напаѓачката игра на Селта, остави многу простор за играчите на Јунајтед, кои таквата определба на противникот ја казнија во 17.минута.

Рашфорд испрати долга дијагонала за Фелаини, а Белгиецот одлично реагираше и со глава го совлада противничкиот голман.

До крајот на полувремето Јаго Аспас имаше уште една шанса, но од непосредна близина го промаши голот.

Во вториот дел Рашфорд имаше можност да стави точка на натпреварот, но голманот на Селта, Алварез излезе како победник во нивниот дуел.

Гостите од Виго до израмнување стигнаа со голот на Ронкаља, а потоа Аргентинецот доби директен црвен картон поради удирање на противникот, а истото му се случи на дефанзивецот на Јунајтед Ерик Баји.

До крајот Јунајтед успеа да ја сочува сопствената мрежа, иако Гуидети во последните секунди пропушти одлична можност да го шокира „Олд Трафорд“.

Лион и Ајкас одиграа уште еден спектакуларен дуел, кој заврши со победа на домаќинот 3:1, но Ајакс ќе игра во финалето бидејќи пред една недела победи со 4:1.

Лион уште од стартот тргна офанзивно кон голот на Онана, но гостите успшно се бранеа, а во 27 минута преку Долберг постигнаа гол за предност 0:1.

Пресврт направи Лаказет со два гола, првиот од пенал во 45.минута, а вториот по додавањето на Фекир една минута подоцна.Лион продолжи со нападите и во второто полувреме, но нов гол неговите фудбалери постигнаа дури во 81.минута. Стрелец со огромна доза на среќа беше Гезал.

Три минути подоцна Ајакс остана со играч помалку бидејќи Вергивен го доби вториот жолт картон.

До крајот на натпреварот најпрвин Лаказет, а потоа и Корне пропуштија изгледни шанси да изборат продолженија.