Легендата на електронската музика, Жан Мишел Жар, го отвора Таксират 18


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Со концертниот спектакл на легендарниот Жан Мишел Жар во недела 13 ноември почнува 18-тиот Таксират Фестивал. Пионерот на електронската музика првпат ќе настапи во Македонија, во Вип Арена „Борис Трајковски“ во Скопје.

Македонската публика прв пат ќе има можност да биде дел од спектакуларното аудио-визуелно шоу какво што генијалниот Жан-Мишел Жар приредува секаде ширум светот. Тимот кој работи на комплетната техничка реализација на неговата светска турнеја го подготвува и големиот спектакл во Скопје.

Се подготвува бина широка 20 метри, а целокупната техничка опрема во нашиот главен град пристигнува со најквалитетниот концертен караван од шест шлепери за продукциската опрема и пет автобуси – најтлајнери за техничкиот тим.

Жан-Мишел Жар во Скопје ќе пристигне со приватен авион, придружуван од неговиот менаџерски тим. За сè да функционира совршено ќе се погрижи тим од 80 луѓе што ја придружува легендата на секој концерт од турнејата, а во Скопје премиерно ќе биде претставена опрема од апсолутно водечките компании во светот кога се аудио-сценските спектакли во прашање.

Дури и за самиот Жан-Мишел Жар, основоположникот на мултимедијалните перформанси какви што ги знаеме денес, сценскиот проект на оваа турнеја е посебно шоу со досега невидени елементи кои вклучуваат восхитувачки ефекти, светло, ласери и визуелизации.

– Навистина сум горд и почестен што доаѓам во Македонија токму со ова шоу. За мене тоа е навистина исклучително и многу подобро од претходните кои ги работев. Ова е сосема ново и поинакво шоу, а ме радува дека се совпаѓа со за мене многу посебниот албум „Електроника“, изјави Жан-Мишел Жар во пресрет на неговиот концерт во Скопје.

Како што е најавено, покрај новите композиции од „Електроника“, посетителите на овој концерт ќе имаат прилика да се потсетат и на старите фаворити од неговите класики „Оксижен“ и „Еквинокс“, но и привилегија меѓу првите да чујат во живо дел од остварувањата за неговиот нов албум „Оксижен 3“ кој допрва треба да биде објавен, на 2 декември.

Актуелниот, европски дел од неговата турнеја започна на 4 октомври, а ќе заврши на 12 декември, по 38 концерти во 20 земји кои оваа турнеја ја вбројуваат меѓу најзначајните музички настани годинава.

Концертот на Жан-Мишел Жар во Скопје е воедно и отворање на 18-тиот Таксират Фестивал, а ќе се одржи пред лимитиран број од 6.000 посетители.