Легендарните Крафтверк доаѓаат во Скопје!


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Германските пионери на електронската музика, легендарните КРАФТВЕРК ќе настапат во Скопје со извонредното 3-Д шоу од нивната актуелна и исклучително успешна светска турнеја. Концертот на КРАФТВЕРК во Скопје, како ексклузивен настан во организација на ТАКСИРАТ и Password Production, ќе се одржи на 27-ми февруари 2018 година во Вип Арена „Борис Трајковски”.

КРАФТВЕРК е една од највлијателните и најзначајните електронски групи во светот чие музичко наследство е легендарно и вонвременско! Како предводник на експерименталната сцена, со својата визија за иднината КРАФТВЕРК ја создаде музичката подлога за дигиталната ера на 21-виот век. Музиката на КРАФТВЕРК изврши огромно влијание врз цел спектар на музички жанрови: од електро до хип-хоп, од техно до синтпоп и не постои речиси ниту еден германски бенд кој толку често се наведува како извор на инспирација и авторитет за илјадници музичари. Поради пресудното влијание и применливоста на електрониката во музиката тие важат за бендот без кој модерната музика денес не би звучела исто.

Мулти-медијалниот проект КРАФТВЕРК е оформен во 1970 година кога Ralf Hütter и Florian Schneider го уредуваат нивното култно електронско студио „Kling Klang” во Дизелдорф, Германија каде што се зачнати и продуцирани сите албуми на КРАФТВЕРК. Нивната музика, многумина веднаш ја нарекоа авангардна, а тие уште со дебитантскиот албум „Kraftwerk I” ја наговестија револуцијата во современата музика. По некое време КРАФТВЕРК почнува да функционира како квартет и до средината на ’70-тите години на минатиот век КРАФТВЕРК достигна меѓународно признание за нивните револуционерни електронски звучни пејсажи и нивното музичко експериментирање со роботика и разни технички иновации. Меѓу останатите признанија за нивната работа, Ralf Hütter и неговиот поранешен партнер во 2014 година ја добија наградата Греми за животно дело.

За време на речиси 50 години постоење КРАФТВЕРК објавуваат десет успешни студиски изданија, како и неколку компилациски и два live албум, од кои последниот „3-D The Catalogue” го објавија во мај годинава. Аудио и видео материјалите од ова издание ги сумираат бројните и значајни 3-Д перформанси на бендот во најпрестижните музеи и концертни арени низ светските метрополи, кои ги одржаа од 2012 до 2016 година, а токму ова спектакуларно 3-Д остварување на КРАФТВЕРК ќе имаме прилика да го погледнеме во живо на концертот во Скопје.

Спојувајќи ги музиката и перформативната уметност, 3-Д концертите на КРАФТВЕРК претставуваат вистински „Gesamtkunstwerk” – тотално уметничко дело кое ја открива сложеноста на односот помеѓу човекот и машините.