ЛАЖНА ДРАМА НА ЕВРОВИЗИЈА: Многу пред „инфаркт“ завршницата се знаеше дека Холандија е победник!


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Инфаркт завршницата на финалната вечер од овогодинешното издание на Евровизија беше кулминација на целокупната манифестација која ги доведе до раб на нервен слом многумина обожаватели на пејачкото трио кое влезе во фотофиниш при гласањето – нашата Тамара, шведскиот и холандскиот претставник.

А и тензијата кај нив тројца беше видно огромна: Тамара трепери, Швеѓанецот стиска тупаници, Холанѓанецот крши раце и прсти.

Но, ако само малку присебност и статистичка логика работела кај некој не толку емоционално внесен и занесен гледач кој ја гледаше оваа драма, тој одамна ќе знаел дека Холандија е победник на Евровизија 2019 уште кога нивниот претставник ги доби поените од публиката со кои изби на водечкото место на листата со генерален пласман во тој момент.

После доделувањето на поените од публиката за Холандија, сите кои ги знаат правилата за гласање на Евровизија (а испадна дека речиси никој не ги знае), беше јасно дека Македонија и Шведска немаат ама баш никакви шанси за победа. Тогаш веќе беше сè одлучено, уште тогаш се знаеше победникот.

Но, и покрај тоа, водителите на финалната вечер од евровизиското шоу, продолжија да ја држат во неизвесност и тензија целокупната јавност и светска публика (нормално, тоа им е работа, знаеле или не како стојат работите со бројките). Но, ги држеа во неизвесност и финалистите, а најмногу Тамара Тодевска и Џон Лундвик кои беа на раб на нервен слом поради тензијата, но и Данкан Лоренс, кој несвесен дека е веќе сигурен победник, не беше ништо поарен од нив.

Што точно се случи? Српски Блиц.рс објави одличен дескриптивен водич за начинот и принципот на гласање на Евровизија кој најточно и најприземно, со гола статистика, покажува дека џабе над 2 милиони Македонци и над 10 милиони Швеѓани „ризикуваа да добијат инфаркт“ поради очекувањата и надежите за победа на нивната земја во Тел Авив.

За почеток, добро, ама добро запамтете ја волшебната бројка 2.378.

Она што на сите им е познато во врска со гласањето на Евровизија е дека прво се доделуваат поените од стручните жири комисии од сите учеснички на Евровизија (вкупно 41 земја). Сите знаат дека секое жири доделува 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 10 и 12 поени, односно вкупно 58 поени, распределени на 11 од вкупно 41 претставник на финалната вечер од шоуто.

Кога ќе направите математика во која ќе ја помножите вкупната бројка на жири комисии – 41, со вкупната бројка на поени кои ги доделува едно жири – 58, се добива производ кој изнесува точно 2.378. (Го памтите бројов?)

Еве како изгледаше табелата во генерален пласман после доделувањето на сите поени од жири претставниците.

Шведска 239 поени

Северна Македонија 237

Холандија 231

Италија 212

Азербејџан 197

Австралија 154

Чешка 150

Швајцарија 148

Русија 125

Малта 75

Данска 69

Кипар 69

Франција 67

Исланд 48

Норвешка 47

Грција 47

Словенија 46

Албанија 43

Србија 38

Естонија 38

Германија 32

Белорусија 18

Сан Марино 16

Велика Британија 13

Израел 12

Шпанија 7

Е, сега доаѓа делот кој на речиси сите обожаватели на музичкото шоу наречено Евровизија очигледно не им е доволно (или не им е воопшто) јасен и не го сфатија и во саботата – гласовите од публиката или таканаречениот „телевоутинг“.

Гласовите од публиката се собираат на ниво на секоја држава која гласа, а потоа им се доделуваат на натпреварувачите поени по принципот 1-2-3-4-5-6-7-8-10-12, апсолутно исто како и кај гласовите од жирито.

Дескриптивно објаснето тоа звучи вака: Песната која освоила најмногу гласови од една публика (пример од македонската публика која гласала) добива 12 поени, следната после неа со освоен број на гласови добива 10 поени и така до минималниот 1 поен. Кога ќе се соберат овие поени кои се добиваат од гласовите од публиката, погодувате, повторно во игра е „магичниот“ 2.378. Нели, вкупно 58 поени помножени со вкупно 41 земја учесничка на Евровизија 2019 (во двете полуфинални вечери).

Гласовите од публиката, во вториот дел од гласањето, се соопштуваа почнувајќи од земјите кои освоија најмалку поени од жирито во првата рунда од гласањето (во овогодинешниот случај на Евровизија тоа беше Шпанија. Потоа, редоследно прогресивно од најслабо бодуваната земја, поените се доделуваат на земјите кои се во врвот од ранг листата според гласовите од жирито – Шведска, Македонија и Холандија.

За појаснување, ете, ќе го земеме примерот со Шпанија, која во гласањето од жирито освои само 7 поени и привремено заврши на последното место. Кога стигнаа гласовите од публиката, наместо на шпанскиот претставник да му се соопштат колку гласови од публиката добил во која држава, од оваа година сите поени добиени во секоја засебна држава од гласовите од публиката се собираат и му се соопштува вкупната сума на поени која ја добива – во случајот на Шпанија вкупно 53 од сите држави. На тој начин Шпанија освои вкупно 60 поени во конечен генерален пласман.

Доделувањето на поените во вториот дел од гласањето продолжи со објавување на вкупниот број на добиени поени за секој нареден учесник. Во еден момент Русија доби фантастични 244 поени од публиката и изби на првото место со вкупно 369 поени.

Наскоро беше надмината од Италија која доби уште поимпресивни 253 поени од публиката и со оние сумирани 212 од жирито, изби на првото место со вкупно 465 поени.

Кога остана да се соопштат поените од гласањето од публиката уште за Холандија, Македонија и Шведска, финалето на Евровизија дојде до големата завршница. Е тука повторно настапува „на сила“ магичниот број 2.378, „ситница“ која и самиот организатор не би можел да ја сокрие колку и да сака, но затоа може да ја прикрие со шоу, тензија, драма и динамичност при соопштувањето на поените.

Она на кое организаторите на Евровизија, намерно или ненамерно, не воделе сметка е дека ако редоследно ги соопштуваат поените од гласовите од публиката почнувајќи од најслабо рангираниот учесник во првата рунда гласање до најдобро рангираниот, публиката после секое наредно доделување на поени во секој момент може да пресмета колку бодови се останати кои треба да ги поделат преостанатите земји учеснички кои допрва треба да бидат бодување според гласањето од публиката.

Така, во саботното финале во Тел Авив, пред да бидат соопштени освоените поени на Холандија, Македонија и Шведска, претходните 23 учесници во финалната вечер поделија вкупно 1.966 поени од публиката – Шпанија 53, Израел 35, Велика Британија 3 (кажавме за Русија и Италија) и таканатаму. Кога таа бројка ќе се одземе од вкупниот број на поени кои треба да ги поделат финалистите – 2.378 (сигурно не сте го заборавиле), значи дека на Холандија, Македонија и Шведска им остана меѓу себе да поделат точно 412 поени. Ни поен повеќе, ни поен помалку.

Пред доделувањето на поените од публиката на трите најдобро рангирани според жирито, во однос на првопласираната во моментот Италија со вкупно 465 поени нивната позиција изгледаше вака:

Италија вкупно 465, Шведска 239 од жирито (чека поени од публика), Македонија 237 од жирито (чека поени од публика) и Холандија 231 од жирито (чека поени од публика).

Данкан Лоренс од Холандија следен дознава колку поени му доделува публиакта. Драмата и тензијата во Тел Авив кулминираат!

Математиката во тој момент е повеќе од јасна: Холандија треба да освои најмалку 235 поени од публиката за да избие на прво место пред Италија. Ако добие најмалку толку поени, Холандија истовремено е и победник, бидејќи на Македонија и Шведска ќе им остане недоволен број на поени кои треба да ги поделат за било која од нив да ја престигне Холандија (412-235=177).

После кратка, но доволно интензивна тензија, прекрасната Бар Рафаели и нејзиниот колега објавуваат дека Холандија од публиката добива вкупно 261 поени, што автоматски ја позиционира на првото место и автоматски го прави Данкан победник на Евровизија со вкупно освоени 492 поени.

На Македонија и Шведска сега им преостануваат да поделат само 151 поен, што е премалку и една од нив да ги добие сите (иако тоа е апсолутно невозможно) за да ја стигнат Холандија.

Холандија е веќе победник! Прославата може да почне! Но, никој тоа не му го соопштува на Данкан. Нормално, тензијата и возбудата мора да се одржат до крај, заради шоу, заради публика, заради сè. Холанѓанецот без никаква потреба е во наредните неколку минути во прединфарктна состојба, додека очекува колку поени од публиката ќе добијат Македонија и Шведска, очигледно несвесен дека веќе е победник на Евровизија 2019.

А веројатно не само тој, туку несвесни за тоа се и Тамара и Џон, како и цела сала од Експо центарот во Тел Авив, но и 2 и кусур милиони Македонци, 10 и кусур милиони Швеѓани и 17 и кусур милиони Холанѓани, кои очекуваат да видат како ќе се заврши сето тоа. Веројатно сите на нозе во тие моменти.

Гласањето продолжува. На ред е нашата прекрасна Тамара. Возбудата и драмата „пукаат“! Во тој момент главно прашање кое не преокупира нас и Холанѓаните е дали Тамара ќе освои 256 поени од публиката (кај ќе најдат толку поени да ни доделат во тој момент кога статистиката е веќе јасна, ама кој да мисли на тоа баш тогаш), колку што ја делат од првото место?

Дали Тамара Тодевска, која според статистиките во обложувалниците беше тотален аутсајдер со коефициент од 501 ќе успее да го приреди најголемото изненадување во историјата на Евровизија и ќе го победи суперфаворизираниот Лоренс Данкан кој во обложувалниците имаше победнички низок коефициент од само 1,5?

Тамара, на општо изненадување и разочараност, добива само 58 поени од публиката. Видно разочарана, но достоинствена и во (условно речено) поразот, таа им се заблагодарува на сите во публиката ширум цела Европа за поддршката и гласовите.

Лажната драма ја достигнува кулминацијата! Бар Рафаели и колегата продолжуваат да ги „будалат“ Лоренс и Лундвик. Како и цела холандска, шведска, но и европска јавност. Кажуваат дека на Швеѓанецот му се потребни 254 поени од публиката за во фотофиниш да го победи Холанѓанецот. А математиката јасно покажува дека му останале само 93.

Лоренс крши раце и прсти, а веќе поразениот Лундвик во незнаење (веруваме несвесно, кој да му каже) стиска тупаници за среќа и се надева дека ќе го доживее најневеројатниот момент во неговата кариера. „На игли“ се и над 27 милиони Швеѓани и Холанѓани. Секако, непотребно, ама да повториме – кој да им каже?

После неколку минути лажна драма, види чудо: Шведска добива 93 поени, колку што и можеше да добие. Швеѓанецот е во неверување – изгледа како да е шлогиран. Ерупција од радост и воодушевување кај холандскиот табор.

Лажната драма го отстапи местото на вистинската еуфорија. Следната година вака ќе биде во Амстердам. А којзнае, можеби и вака е поубаво? Само, догодина гарант многумина ќе пишуваат бројки и ќе множат, собираат и одземаат додека се доделуваат гласовите од публиката. Заради здравје.

Наравоучение од сето ова? Учете ги своите деца на математика, ќе им користи дури и кога ќе гледаат Евровизија.