Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во неделата, 13 септември во Струмица се одржа велосипедската прошетка Културното наследство низ Струмичкото Поле.
196 велосипедисти го кружеа Струмичкото Поле во посета на културните знаменитости. Велосипедската прошетка Културното наследство низ Струмичкото Поле ги плени учесниците со добрата организација и вкусната храна.
„Голема благодарност до сите учесници кои дојдоа во толку голем број. Имавме учесници од цела Македонија, ни дојдоа гости и од Бугарија, Србија и од Хрватска.“ вели Иван Андонов од Велосипедскиот клуб Актив од Струмица.
На велосипедската прошетка учесниците уживаа во природата, културата и храната додека возат велосипед. Се посетија село Баница со Гробот на Струма, село Водоча и Манастирот св. Леонтиј, село Вељуса и Манастирот Пресвтла Богородица Елеуса, село Ангелци и Манастирите, како и Струмица каде се уживаа вкусни специјалитети како струмички еклери и имам бајалди. Настанот имаше и образовен карактер, па на локалитетите кои се посетија беа присутни кустоси кои го пренесуваа значењето и приказните за овие објекти.
Настанот се организираше по повод денот на Ослободување на Струмица – 11 септември. Врската поради зошто токму на овој ден се вози велосипед ја открива Бојан Ранташа од Одржливи иницијативи: „Велосипедот е симбол на слобода. Слобода на движење која ја добиваме уште од детството преку првиот трицикл. Велосипедот е средството со кое за прв пат успеваме да преминеме далечни за кои мислиме дека се невозможни за нашите нозе. Тоа го чини велосипедот прекрасен начин да се прослават 71 година слобода и тоа за секоја возраст.“
Настанот е производ на партнерство на организаторите со Општина Струмица која сака да ја промовира Општината и регионот како велосипедска дестинација.
Организатори на настанот се Одржливи иницијативи од Скопје и ВК Актив од Струмица, во партнерство со Општина Струмица. Благодарност оди до сите поддржувачи на настанот без кои тој немаше да биде со тој квалитет: Општина Василево; Агрофруктус, Струмица; Грозд, Струмица; Комплекс Цареви Кули, Струмица; Слаткарница Ресана, Струмица; Агротехна, Скопје; Стефано 97, Скопје; и Сити Бајк, Струмица.