Култна изведба на Хоакин Феникс: Ослабе 20 килограми и речиси полуде додека го глумеше Џокерот


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Ако може (а треба) да им се верува на критичарите и публиката кои имаа можност и чест да го гледаат премиерно филмот „Joker“ пред остатокот од светот, филмското остварување на режисерот Тод Филипс е апсолутен хит и ремек дело, еден од најдобрите овогодишни филмови кој не смеете да го пропуштите.

Една од главните причини поради која сите се толку воодушевени од овој оригинален пристап на филмска разработка на суперхероите од стриповите, или поточно негативните херои од стрип-светот, е главниот актер кој ја толкува улогата на Џокерот, фантастичниот Хоакин Феникс. Со неговата совршена интерпретација и оживување на главниот лик од филмот и со неговата актерска изведба, тој за неколку нивоа повисоко го подигна актерското толкување на филмските ликови.

Тешко е да се бориш против Џек Николсон и Хит Леџер

А во овој случај, толкувањето на улогата на Џокерот беше сè, само лесна задача не, бидејќи овој стрип и филмски лик има (најмалку) две легендарни актерски толкувања претходно од двајца култни актери – Џек Николсон и Хит Леџер.

Николсон го глумеше Џокерот во „Batman“ од 1989 година. Многумина тврдат дека ликот на Џокерот како да е создаден за Николсон и како отсекогаш да му била судена таа улога. Изведбата на Џек остави тешка задача и предизвик за наследниците кои после него би го играле Џокерот.

Другиот „Џокер“ кој во голема мера ги помести границите на толкување на овој лик е трагични и прерано починатиот Хит Леџер во одличниот „The Dark Knight“ во режија на Кристофер Нолан.

И додека некои и денес тврдат дека Николсон со неговата изведба и понатаму е на врвот, обожавателите на Леџер не се сложуваат со тоа бидејќи, за разлика од „campy“ пристапот на Бартон, Нолан удри темели за создавање на далеку покомплексен лик што на Леџер му овозможи актерски и креативно да се размавне и да создаде уште едно неверојатно, автентично и неповторливо актерско толкување на филмски лик.

Иако е квалитетен актер, Џеред Лето, на пример, го немаше она кое го имаа Николсон и Леџер, па неговиот придонес за од критиката погребаниот „Suidice Squad“ беше значително отежнат и од лошо напишаното сценарио, како и неспоредливо помалото време на големото платно за создавање на убедлив лик.

Ова не е обичен филм снимен според стрип

Откако во медиумите се појави веста дека новиот Џокер ќе биде Хоакин Феникс, тешко беше да се најде некој кој на таа одлука би имал некаква забелешка. Згора на тоа, Феникс е како создаден за оваа улога, а неговата досегашна филмографија е само еден голем плус во зацврстувањето на убедувањето дека она што постои на хартија, благодарение на неговиот речиси непогрешлив актерски инстинкт, ќе биде преточено во нешто несекојдневно и неповторливо.

Феникс беше доста јасен и уште на почетокот даде до знаење дека претходните актерски толкувања на ликот на Џокерот немале апсолутно никакво влијание на она што планира да го направи тој.

„Што се однесува до моето мислење, филмот ме привлече тоа што на предлошката ќе се пристапи на сопствен, личен начин. Не се потпирав на претходните интерпретации на Џокерот, бидејќи нам ни беше клучно токму тоа што ќе го создаваме да биде наша креација“, изјави Феникс.

А откако се појави првиот трејлер, беше и повеќе од очигледно и јасно дека ниту DC, ниту Marvel во досегашното море од филмови со и за суперхерои немале ништо слично – психолошки трилер кој на прв поглед делува како откачена инди драма која повеќе потсеќа на „The King of Comedy“ од Мартин Скорсезе, отколку на „Batman“ од Нолан.

Екестремна трансформација

За потребите на филмот, Феникс во многу краток временски период ослабе 23 килограми, што е повеќе од видливо во неговиот скелетен изглед, но тоа е нешто кое му помогна во создавање на ликот.

„Се покажа дека тоа ви влијае на психологијата. Почнувате да го губите разумот“, објаснува Хоакин и додава дека режисерот на почетокот од снимањето му дал празен бележник во кој актерот ги запишувал сите белешки и го третирал како дневник.

Џокерот од Филипс е самостоен филм во рамки на DC универзумот. Дејството е сместено во Готам Сити во 1981 година. Феникс го глуми Артур Флек, човек кој е на работ на сиромаштијата и живее со својата мајка (Френсис Конрој). Работи како кловн за да врзе крај со крај. Поради повреда на мозокот, Флек некое време ќе помине во институција. За неговиот случај се грижат долга низа социјални работници кои водат грижа за седумте различни лекови кои мора да ги зема за, меѓу другото, да го држи под контрола и патолошкото смеење кое му се појавува најчесто во незгодни моменти.

Готам е град во проблеми. Властите се борат против наездата од стаорци, улиците се преполни со ѓубре, а општеството е во големи проблеми поради сè поголемиот јаз меѓу богатите и сиромашните. Криминалот е во пораст, што посебно ги погодува сиромашните квартови. Во еден таков кварт живее и главниот лик. Иако депресивен, Флек уште не кренал раце од сè. Сонува за кариера како стенд-ап комичар и сака да биде дел од доцноноќното шоу кое го води Мареј Френклин (Роберт де Ниро). Но, откако ќе ја добие таа шанса, станува национален предмет на потсмев.

Виновно е општеството

И додека падот во киселина го изобличи лицето на немилосрдниот Џек Напиер и го создаде Николсоновиот Џокер, Флек во Џокерот го претвори изобличеното и немилосрдно општество.

„Тешко е да го дефинирате, а токму тоа не сакате ни да го направите. Понекогаш доволно би му се приближиле и дури би пронашле начин и да се поистоветиме со одредени делови од неговиот карактер или со она што ги мотивира, но тогаш ќе се оттргнев бидејќи сакав да постои елемент на мистерија. Во текот на снимањето со секој изминат ден откривав нови делови од неговиот карактер и така беше до последниот ден. Ме привлече неговата потрага за среќа и чувство на поврзаност, топлина и љубов. Она што беше на почетокот од снимањето беше сосема поразлично од она кое беше на крајот од снимањето. Постојано се развиваше. Никогаш не сум почувствувал ништо слично“, објасни Феникс.

Посебно внимание му посветил на препознатливото и карактеристично заразно смеење на главниот лик, бидејќи сакал да биде нешто „речиси болно“, а во исто време морало да се разликува и од сето она направено претходно во врска со ликот на Џокерот.

Актерот на смеењето работел со месеци. „Мислев дека нема да можам да го направам тоа. Вежбав и после го викав Тод да дојде и да слушне. Морав да го направам тоа на лице место, но и пред некој друг. Беше доста непријатно. Ми требаше многу време“.

Што се однесува на сценариото, Филипс и Скот Силвер напорно работеле за да создадат нешто ново и оригинално, а сепак верно на изворот. Но, наместо стриповите од DC, сировоста и лудоста ги извлекувале од извори на инспирација, како „Taxi Driver“, „Serpico“ и „The Man Who Laughs“ од Пол Лени од 1928.

„Недостатокот на емпатија во светот е една од главните теми на филмот. Не мислам дека целта на овој Џокер е да гледа како светот е проголтан од пламен. Овој Џокер има сосема поразлична цел. На почетокот од филмот бара идентитет и случајно станува симбол. Неговата цел е да ги насмее луѓето. Попатно направи неколку лоши потези, но тоа беше неговата првична намера“, вели Филипс.