Крваво предизборие во Мексико – нарко-картелите ликвидираат кандидати од опозицијата


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


В недела, 6 јуни, во Мексико ќе се одржат општи избори за 500 членови на долниот дом на Федералниот парламент, 15 гувернери и неколку стотици градоначалници. Досега политичката кампања беше обележана со невидено насилство, дури и за земја со просечно 100 убиства на ден. Од септември 88 политичари, главно опозициски кандидати, се убиени од нарко мафијата.

Алма Бараган, кандидатка за градоначалник на Моролеон, град во центарот на Мексико, е најновата жртва, која беше застрелана среде предизборен митинг.

Претседателот на Мексико посочува дека ситуацијата не е толку црна и мафијата не ги загрозува темелите на демократијата, но дека медиумите, како што вели, стремејќи се кон „жолто“, поттикнуваат насилство, пишувајќи за нарко-картели.

„Ние ќе продолжиме да ги штитиме кандидатите и им порачувам на луѓето да не се плашат“, вети претседателот.

Несреќна ситуација е сепак тоа што не е откриен ниту еден убиец и дека мета се најгласните критичари на владата и мафијата.

„Денес таа беше убиена на необјаснив начин, неказнето, и тоа е едноставно неприфатливо. Алма Бараган се наајде на долгиот список на кандидати убиени за време на овој изборен процес, а за тоа е одговорна мексиканската држава“,

вели националниот координатор на партијата Граѓанско движење, Клементе Кастанеда.
Лидерот на синдикатот и кандидат за градоначалник на Акапулко, Хозе Алонсо, минатиот вторник беше пресретнат од моторциклист на само 200 метри од својата куќа, кој отвори оган, но Алонсо не беше повреден.

Во Хелиск, кандидатот за градоначалник, Педро Кумамото, како закана доби исечена свинска глава. Аналитичарите велат дека мафијата поставува свои кандидати и убива други кандидати и дека тоа не е ништо ново во Мексико.

Експертот за безбедност Алехандро Хоуп за Дојче веле вели дека во огромното мнозинство области е мирно и дека насилството не е произведено само од организиран криминал, туку од политички противници или е вкоренето во социјалните конфликти.

„Имаме евиденција за 724 напади врз политичари: убиства, закани, киднапирања, грабежи, заплашувања. Убиени се 88 политичари, од кои 34 беа кандидати на претстојните избори. Секој кандидат кој излегол со понуда за борба против корупцијата и криминалот добил закани“, вели аналитичарот Рубен Салазар.

Други аналитичари, исто така, тврдат дека од 22 000 лица кои ќе добијат позиции по изборите, убиството на 88 од нив не е голем процент и не ги загрозува темелите на демократијата. Политичкиот советник Рубен Агилар тврди дека покрај мафијата, насилство применуваат и политички противници или дури групи од иста партија, кои некои кандидати ги доживуваат како закана за нивните привилегии.