Кривични за нелегално стекнување диплома за кумановец и дел од врвот на Славјанскиот приватен универзитет


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Поради овозможување на нелегален начин да се стекне со факултетска диплома на 33-годишниот М.Б. од Куманово, кривични пријави добија споменатиот кумановец, како и дел од највисоката управа на Меѓународниот славјански институт „Гаврило Романовиќ Державин“.

Обвинетиот, со помош на другите обвинети, се стекнал со диплома на нелегален начин, одосно без вистински да ги полага испитите. Кривична пријава е поднесена и против него, бидејќи тој со лажната диплома се вработил и напредувал во Управата за безбедност и контраразузнавање.

СВР Куманово поднесе кривични пријави против М.Б.(33) од Куманово, генералниот директор на Меѓународниот славјански институт „Гаврило Романович Державин“ Свети Николе, Б.С. (36), ректорот на Институтот Д.Н. (71) од Пробиштип, против Институтот како правно лице и против В.М.Н. (59), вработена во Државниот просветен инспекторат како советник – државен просветен инспектор.

Против сите се поднесени кривични пријави за различни дела во целиот процес на нелегално стекнување диплома од страна на кумановецот М.Б. Тој се сомничи дека сторил едно кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“,

Генералниот директор Б.С. и ректорот Д.Н. и образовната устранова се сомничат за сторени две кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување исправа“.

Просветната инспекторка В.М.Н. е осомничена за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Според документираните сознанија од истрагата М.Б. на 25 септември 2009 година потпишал договор за студирање на приватна високообразовна установа, на Факултетот за економија и организација на претприемништво за учебна 2009/2010 година за што му било оформено досие.

Во текот на 2010 година заминал на привремена работа во Авганистан. Во временскиот период од 25 септември 2009 година па се до 4 декември 2012 година првопријавениот од задолжителни 33 предмети за предвидените четири студиски години и вкупно осум семестри, нерегуларно положил 24 предмети, од кои на 19 испити воопшто не присуствувал бидејќи бил надвор од земјава, а пет предмети ги положил пред да биде запишан во образовната институција (иако тие не биле предвидени во учебниот план и програма), еден предмет го положил два дена по запишување во образовната институција. За останатите осум предмети присуствувал на полагање.

Б.С., Д.Н. и правното лице со намера да му овозможат да се стекне со уверение за завршен дипломиран економист – менаџмент на организација во временскиот период додека студирал ја злоупотребувале службената положба и овластување, на начин што изготвиле и потпишале 24 пријави за испит со невистинита содржина дека наводно првопријавениот бил присутен на полагање и ги положил испитите во редовна постапка. Просветната инспекторка Д.Н. на 24 мај 2013 година му издал и потпишал невалидна диплома.

М.Б. ваквата диплома ја употребил како вистинска и на 24 декември 2014 година, без претходно објавен јавен оглас бил вработен во МВР со договор за вработување на неопределено време на работно место – приправник во УБК.

Од 1 октомври 2015 година со одлука на Комисијата за распоредување и унапредување на работни места во УБК со решение е унапреден на работно место.

В.М.Н., пак, во својство на просветен инспектор на 22 септември 2017 година при вршење координиран вонреден инспекциски надзор во соработка со полициски службеници од СВР Куманово на Меѓународниот Славјански институт составила лажен записник.

Во него, констатирала дека четири испитни пријави се спорни, од кои три по однос на недоволно пишани бонус бодови за положен испит, една испитна пријава дека е непотпишана, а не ги земала предвид пријавите за предвремено положени пет испити впишани во студентското досие за период додека М.Б не бил запишан на образовната установа, со крајно образложение во Записникот дека по однос на наводите наведени во барањето на СВР Куманово нема констатирано неправилности и оти предметот се заклучува.