Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Против поранешниот генерален директор на АД МЕПСО, Ненад Јовановски, како и директорот за финансиско работење и директорот за управување со пазарот на електрична енергија поднесени се кривични пријави под сомнение од страна на финансиската полиција за сторени кривични дела.
Тие се осомничени дека направиле злоупотреба на службената должност затоа што навреме не доставувале фактури до правното лице „ЕНГ сервис траде“ ДОО Скопје. Според Управата за финансиска полиција, тие не презеле никакви дејства за наплата на побарување за испорачаната електрична енергија. Поради овие дејства на тројцата директори, АД МЕПСО има штета од речиси 690 илјади евра.
„Лицето К. А. како поранешен директор за управување со пазарот на електрична енергија и член на Управниот одбор со неизвршување на својата службена должност ја одолжувало целокупната постапка и не презело никакви дејства за наплата на побарувањето. Ова лице, кое е потписник и на договорот со фирмата, не му доставило ниту опомена за неизвршување на обврската за плаќање и обезбедување дополнителна финансиска гаранција, а од негова страна немало ниту одлука за суспензија на ова правно лице. Тој потоа донел и одлука за одложено плаќање, што е спротивно на законот бидејќи таква одредба не постои“, велат од финансиската полиција.
Второпријавениот С. В., тогашен директор за финансиски работи во дирекцијата, не го информирал Управниот одбор на МЕПСО за побарувањето што друштвото го имало од фирмата „ЕНГ сервис траде“, ниту навреме ги известил другите сектори, иако тоа било негова службена должност. Фактурите што биле достасани се од 2016 и 2017 година. Финансиската полиција го товари и поранешнот директор на МЕПСО, Ненад Јовановски, бидејќи, како што велат, тој не наложил да се иницира постапка за наплата на долгот.
„Поранешниот директор Ненад Јовановски не наложил да се донесе ниту одлука за одредување на висината на зголемена финансиска гаранција во согласност со член 10 од договорот за балансна одговорност ниту да се достави опомена за неизвршување на обврската за плаќање до должникот“, додаваат од финансиската полиција.
Во периодот од ноември 2016 година до август 2017 година првопријавениот К. А., второпријавениот С. В. и третопријавениот Никола Јовановски како генерален директор на АД МЕПСО со неизвршување на својата службена должност на акционерското друштво му нанеле штета од 42.408.965 денари.