Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
„Транспаренси интернешнал“ дојде до многу сериозни наводи за судир на интереси на вицепремиерот Кочо Анѓушев во случајот со стечајот на ФЕНИ, објави првиот човек на канцеларијата од невладината во Скопје, Слаѓана Тасева.
Ова доаѓа откако компанијата Кунико Ресурсис во чие време Фени падна во стечај, поднела претставка до канцелариите на транспаренси во Берлин и Брисел. Во неа, од Кунико наведуваат дека вицепремиерот Анѓушев наводно го оркестрирал целиот случај со цел ФЕНИ да заврши кај понудувачот Џи Сол, со што тој ќе успее да го спречи влегувањето на компанијата Енекод во Македонија, а со тоа ќе го заштити уделот кој на пазарот го има неговата компанија ЕДС.
„Има сериозни наводи за судир на интереси на Анѓушев кои произлегуваат од сопственоста на неговата фирма која е поврзана со работењето на Фени, но и во целата стечајна постапка. Очекуваме да добиеме објаснување од него.“ – изјави Слаѓана Тасева – претседателка на Транспаренси интернешнал Македонија.
Освен Анѓушев, за претставката Транспаренси го информирало и премиерот Заев. Од кабинетот на вицепремиерот Анѓушев не ги коментираат обвинувањата.
„Стечајната постапка се води согласно законот за стечај со соодветни органи на управување за зачувување на стечајната маса со крајна цел заштитата на интересите на доверителите. Владата во рамките на своите активности будно ја следи состојбата заради заштита на јавниот интерес од причина што Фени индустри е клучен индустриски капацитет, каде работат над 700 работници. Комбинатот го детерминира економското живеење во кавадаречкиот регионот но и во државата.“ – велат од кабинетот на вицепремиерот.
Од Транспаренси интернешнал се сомневаат дека стечајниот управник на Фени, Мирослав Анастасиевски го местел огласот за издавање на Фени под закуп, бидејќи условите на огласот наведувале на тоа.
„Огласот е поставен така да упатува дека е наменет за привилегирани понудувачи и тој однапред предодреден привилегиран понудувач треба да се стекне со сите оние права со кои според законот треба да располага стечајниот управник.“ – вели Тасева.
Според Тасева, злоупотребата продолжила и при потпишувањето на договорот со закупувачот швајцарски Џи Сол.
„Потписник на договорот е физичко лице кое е идентификувано со број на пасош од непозната држава без посочување на неговата адреса.“ – вели Тасева.
Според сознанијата на Транспаренси, во Фени незаконски се трошеле залихите на руда, а никој не знае ниту кој ги исплаќал побарувањата на банките – доверители. Стечајниот управник Мирослав Анастасиевски неколку месеци не ги внесувал податоците за тековната состојба на стечајната постапка во електронскиот веб систем на централникот регистер. И покрај ова, стечајниот судија кој ја контролира работата на управникот, не презел ништо да го спречи ова, вели Тасева. Заради тоа, Транспаренси интернешнал поднесе кривични пријави за стечајниот управник Мирослав Анастасиевски и стечајната судијка Виолета Ѓорѓиевска. Ги сомничи за злоупотреба на службена положба и овластување. Неуспешен беше нашиот обид да го добиеме Анастасиевски.
Фени е веќе шест месеци во стечај, поради долг од 60 милиони евра кон банките. Во меѓувреме, тие му дозволија на швајцарски Џи Сол да го земе под кирија, одбивајќи ги понудите на бугарските Енекод и Минстрој како несериозни. Телевизија 24 дојде до овој документ од централниот регистар, според кој, од пред пет дена банките повеќе не се членови на одборот на доверители во Фени.
Се огласи и стечајниот управник на Фени кои испрати псимено соопшетние во кое појаснува:
„Во врска со наводите изнесени на прес конференцијата од страна на Слаѓана Тасева, сакам да ја информирам јавноста, дека тие се неосновани во целост. Стечајната постапка на Фени Индустри АД – во стечај, е согласно законските прописи. Во однос на транспарентноста, целата македонска јавност редовно е информирана и го следи процесот постојано. Транспарентноста во стечајната постапка се огледува во редовното информирање на доверителите, согласно законските одредби.
Сакам да потенцирам дека во целост е заштитен имотот на должникот, а со тоа и правата на доверителите во стечајната постапка. Во однос на наводите за Огласот и склучениот договор, уште еднаш би истакнал дека истиот оглас е објавен најтранспарентно во меѓународниот Financial Times и домашни медиуми. Ги повикувам ТИМ да користат веродостојни податоци и да посветат внимание на причините за отворање на стечајна постапка на Фени Индустри АД Кавадарци.“ – се вели во досписот.
Извор: 24 Вести