Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, останува во притвор бидејќи кривичниот совет во Основниот кривичен суд во Скопје ја одби понудената гаранција од 10,8 милиони евра.
Советот смета дека и покрај понудената гаранција и согласноста од обвинителите тој да се брани од слобода со гаранција, сè уште постои опасност тој да избега, пренесува 360 Степени.
„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, по добиено позитивно мислење од надлежното обвинителство, за уважување на предлогот за укинување на мерката притвор со замена – гаранција, донесе решение со кое предлогот на одбраната се одбива како неоснован. Советот, по проучување на списите во предметот, смета дека сè уште постојат причини поради кои била определена мерката притвор, имајќи ги предвид видот и карактерот на кривичните дела како и висината на изречената казна“, велат од судот.
Мијалков издржува мерка притвор за случајот „Трезор“, каде што е неправосилно осуден на 8 години затвор.
Во објаснувањето од судот посочуваат дека покрај оваа, ексдиректорот на УБК има уште една неправосилна пресуда од 12 години затвор за случајот со масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, како и дека против него во тек се уште два судски процеси, „Титаник 2“ и „Тортура“, од кои „Тортура“ е во самата завршница односно останува уште да одбраната да даде заврши зборови и да се изрече пресуда.
На ваквата одлука влијаел и фактот што Мијалков беше повеќе од 24 часа недостапен кога пред изрекувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“ му беше определна мерка куќен притвор.
„На постоење на опасноста од бегство, заради која мерката притвор беше предложена од обвинителот и прифатена од судот, упатува и фактот дека обвинетиот по определување на мерката куќен притвор во предметот со КОК. бр. 47/17 („Таргет – тврдина“) повеќе од 24 часа беше недостапен на органите на прогон, што води до заклучок дека по прифатена гаранција и укинување на мерката притвор, може повторно да биде недостапен на органите на прогон“, велат од судот.
За разлика од обвинителството кое даде позитивно мислење за гаранцијата од 10,8 милиони евра, од судот велат дека не се согласуваат со процената дека висината на гаранцијата е доволна за Мијалков да излезе од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
Оттаму, исто така, потенцираат дека за разлика од позитивно мислење од пред два дена, обвинителите претходно имале две негативни.
„Ја известуваме јавноста дека јавниот обвинител по поднесениот предлог за укинување на мерката притвор со определување гаранција на 18.05.2021 година даде мислење да се уважи предлогот, но претходно на 22.04.2021 год. и 04.05.2021 год. до судот има доставено мислења да се одбие предлогот за укинување на мерката притвор со предложената гаранција. Водејќи се по член 150 ст.3 од ЗКП согласно кој судот е тој што по слободна оценка одлучува дали ќе определи гаранција и кој ќе биде износот на истата, а во правец на претходните две негативни мислења на ЈО, Кривичниот совет не се согласува со проценктата на обвинителството дека висината на понудената гаранција претставува доволен основ за замена на мерката притвор со гаранција“, посочуваат од Основниот кривичен суд.
Решението на Кривичниот совет не е правосилно, а Мијалков и неговите адвокати имаат рок од 3 дена да се жалат пред Апелацискиот суд во Скопје.
Сашо Мијалков се наоѓа во затворот во Шуто Оризари од 26 февруари годинава, откако претходно неколку дена беше во куќен притвор.