Критично е со Ковид-19 во Македонија – вчера 702 новозаболени и 24 починати лица


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Состојбата со Ковид-19 во Македонија е критична. Во текот на вчерашниот ден починаа 24 лица, а беа регистрирани нови 702 новозаболени. Инаку, вакцинацијата се одвива непречено, а на 14 септември се очекува да пристигнат вакцините од „Фајзер“, како донација од Република Бугарија. Надлежните тврдат дека тие ќе бидат аплицирани за 5 до 7 дена од нивната дистрибуција на пунктовите.

– Согласно договорот со Република Бугарија, вакцините ќе бидат достапни на 14 септември на нашите пунктови што значи дека има повеќе од доволно време да се искористат и ниедна да не биде уништена. Просекот на дневно аплицирани дози е околу 10 000 вакцини и најголем процент од нив се токму од производителот „Фајзер“, соопштија од ресорното Министерство.

Kако што велат од Министерството, граѓаните може да бидат спокојни дека сите вакцини ќе бидат безбедни и со важечки рок во моментот на вакцинирање.

Од Министерството за здравство апелираат граѓаните масовно да се вакцинираат како би се заштитиле од вирусот.

Во меѓувреме, во тек е и теренска вакцинација. Според последните информации од Министерството, на вакциналните пунктови во државата и на терен, вакцинирани се вкупно 750.893 граѓани.

Во државата вкупно се аплицирани 1.326.584 дози вакцини, а ревакцинирани се 589.573 граѓани.

Според последните бројки, 54 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 29 отсто од населението над 18 до 39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.

Надлежните повторно посочуваат дека вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата.

– Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата, информираат од Министерството.

Инаку, во државата не се намалува бројот на новозаболени. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нои 702 случаи на ковид, од направени 6480 тестирања.

Вчера оздравеа 1119 пациенти, а регистрирани се 24 починати лица од кои 21 во болнички услови.

Најмногу заболени има повторно во Скопје, каде вчера беа регистрирани нови 280 случаи, потоа во Струмица 49, и во Куманово 47.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 181 620, бројката на оздравени пациенти е 161 515, на починати е 6153. Бројот на активни случаи изнесува 13 952.

Досега во земјата се направени вкупно 1 203 819 тестирање на ковид-19.