Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Повикувајќи се на извори од НАТО, британскиот весник Тајмс на 3 октомври извести дека Русија се подготвува да тестира нуклеарно оружје во Црното Море. На интернет се појави снимка на која се гледа како руски воен воз тргнува кон украинската граница.
Наводно, овој товарен воз е поврзан со 12-тата главна управа на Министерството за одбрана на Русија, која е одговорна за нуклеарниот арсенал во земјата, пишува Дојче Веле.
Постепена руска нуклеарна ескалација
Герхард Мангот, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Инсбрук, сериозно го сфаќа ризикот од употреба на нуклеарно оружје. Движењето на воениот воз и заминувањето на подморницата К-329 „Белогород“ би можело да значи испраќање „нуклеарни“ пораки.
„Русија им покажува на Украина и на Западот дека е воено способна и можеби подготвена да употреби нуклеарно оружје. Во овој момент тоа служи првенствено како средство за одвраќање. Намерата е да ѝ се сигнализира на Украина да не ја продолжува офанзивата и дека Западот веќе не треба да ја поддржува Украина со оружје“, вели Мангот.
Ако овие закани не ја запрат украинската контраофанзива, Путин би морал да премине на наредна фаза и да испрати порадикална порака. „Русија би можела да тестира нуклеарно оружје над Црното Море или на Камчатка“, смета професорот Мангот.
Кои би биле целите на нуклеарниот напад?
А, ако експлозиите над ненаселени подрачја не испратат порака за предупредување и Украина ја поврати контролата над окупираните подрачја, Русија би можела да употреби тактичко нуклеарно оружје. „Тоа нема да се случи на првата линија на фронтот, туку во позадина над населени, украински, урбани средини.“
Ралф Тиле, воен експерт и поранешен полковник на Бундесверот, смета дека Москва би можела да се обиде да изврши напади на политички и економски цели во Украина, доколку руската нуклеарна бомба на ненаселена територија не би имала одвраќачки ефект.
„Тоа би можело да биде експлозија на бомба која испраќа електромагнетен пулс и уништува сѐ што се напојува со електрична енергија во круг од стотици квадратни метри – возила, телевизори, сателити, компјутери, електрани. Тоа би била една од опциите“, вели Тиле.
Како би реагирал Западот?
Поголемиот број од меѓународните експерти се согласуваат оти употребата на нуклеарно оружје би имала фатални последици за Русија. „Дури и со нуклеарен тест, кој всушност би го прекршил Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови кој го ратификуваше Русија, би постоеле сериозни економски и финансиски санкции“, вели Мангот.
Американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливен, предупреди од „катастрофални последици“ во случај на вакво сценарио. Во интервју за Си-Би-Ес на крајот на септември, тој рече дека високите американски претставници тоа јасно му го предочиле на Кремљ „директно, доверливо и на највисоко ниво“.
Според зборовите на Мангот, одговорот на САД и на НАТО во тој случај веројатно би бил – воен.
Дејвид Петреус, поранешен директор на ЦИА, вели оти САД и нивните сојузници се подготвени да ја уништат целата руска војска на украинска територија и да ја потопат Црноморската флота.
Мангот смета дека таквиот напад би бил асиметричен, односно би бил изведен со конвенционално оружје. На Путин не му е само кажано дека Западот ќе реагира на употреба на нуклеарни бомби, туку и оти тоа ќе доведе до целосна глобална изолација на Русија и осуда и од страна на Кина и на Индија“, вели тој.
Неискористениот потенцијал на Кина
Кина досега има неутрален став кога е во прашање војната во Украина. Многу стручњаци се согласуваат дека Пекинг би можел да игра важна улога во одвраќањето на Путин од употреба на нуклеарно оружје.
Ралф Тиле смета оти Западот би требало да стори повеќе за Кина да стане негов стратешки сојузник. „Путин зависи од Кина. Светот тука би имал можност со поголемо вклучување на Кина, да постигне запирање на огнот, што би бил прв чекор“, смета тој.
Според мислењето на овој воен стручњак, Западот греши барајќи од Кина да се придружи кон санкциите за Русија. Тоа не би му користело на Пекинг. Кина е заинтересирана за звршување на војната во Украина, пред сѐ поради економски причини и не сака овој конфликт да се развие во нуклеарна војна.
„Нашите политичари всушност сакаат да ја држат Кина подалеку од ЕУ, бидејќи мислат оти во иднина ќе биде доволно тешко да се носиме со Кина во глобално-економските и геополитичките прашања. Мислам дека мораме да проголтаме помала жаба, да се одлучиме за помала непријатност – односно, треба да се прифати поголемо присуство на Кина тука во Европа“, вели Тиле. Тоа, според него, би можело да биде адут, кој сега веќе полека треба да се извлекува од ракавот.
„Црвената линија“ на Путин
Дали американските предупредувања ќе имаат одвраќачки ефект за Путин, зависи од натамошниот тек на борбата во Украина, смета Герхард Мангот. Тој вели оти обидот украинската војска да го поврати Крим би можел да претставува „црвена линија“ за Путин.
„Не можам да замислам дали тој би стоел со скрстени раце и би гледал како Украина го враќа Крим. Тоа би ја довело неговата позиција во непосредна опасност и до негов политички пад. Големо е прашањето дали Путин, за да избегне пораз, би бил толку ладнокрвен да употреби нуклеарно оружје. Мислам дека може. Но, постои барем зрак надеж оти оние кои би требало да ја извршат неговата евентуална наредба, да употребат нуклеарно оружје, тоа нема да го сторат“, вели Мангот.
Меѓутоа, во моментов нема знаци дека руското раководство се одлучило да употреби нуклеарно оружје, нагласува овој експерт. „Сѐ уште не сме отишле толку далеку. Сѐ уште не сме ни во фаза во која на Русија ѝ се заканува опасност катастрофално да ја загуби оваа војна. Но, со секој пораз кој ќе го претрпи руската војска на бојното поле, со секоја акција на украинската војска и враќањето на териториите кои ги освои Русија, веројатноста од таквиот исход се зголемува“, предупредува Мангот.