Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Продолжниот кабел на кој бил приклучен дефибрилатор со кој лекарите се обидувале да реанимираат пациентка била причината која го предизвикала пожарот во модуларната болница во Тетово во кој целосно изгоре објектот, а животите ги загубија 14 лица. Дефибрилаторот се загреал а потоа предизвикал спој во кутијата на продолжниот кабел на кој бил приклучен. Гаснењето не било можно поради високиот процент на кислород во воздухот од пациентите кои биле приклучени на кислородна поддршка.
Ова се двата клучни наоди во вештачењето на полициските крим техничари во модуларната болница во Тетово, која изгоре во пожар на 8 септември и во која животот го загубија 14 лица.
Од обвинителството соопштија дека анализирани биле трагите на оштетувањата од пожарот, динамиката на ширење и оштетувањата на инвентарот и просторот заедно со изјавите на очевидци за да се добие комплетната слика.
Пожарот избувнал во собата каде што лекарите реанимирале 21 годишна девојка. Дефибрилаторот кој го користеле бил приклучен на продолжен кабел.
„Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат“, стои во полицискиот извештај.
Пламенот за неколку моменти се проширил низ модуларната болница.
„Присутниот медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар. Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период“, инфромираат од Обвинителството.
Во поткровјето на модуларната болница немало прегради помеѓу модулите / просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот, покажа вештачењето на полицијата.
Од Обвинтелството информираат дека ова е само еден од досега обезбедените докази и дека се чекаат податоците од форензичарите од Германија како и извештаите од други надлежни институции кои Обвинителството ги задолжи.
Засега осомничени нема а откако ќе се соберат сите докази и извештаи Обвинителството ќе одлучи како ќе постапува понатаму, односно дали ќе подигне обвинение.