До крајот на јуни СЈО со десетина нови обвиненија за Тенк, Таргет и други случаи


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Бројот на обвиненија кои Специјалното јавно обвинителство ќе ги поднесе во рокот кој истекува на крајот на месецов ќе биде уште најмалку десетина, најавуваат од обвинителството. Веќе неделава се очекува покренување на случаите со набавката на службениот Мерцедес вреден 600 илјади евра и за незаконското прислушување во УБК.

Освен ова, до 1 јуни обвиненија би можело да има и за Тортура, ТНТ, Титаник.

Ова значи дека ако бидат прифатени обвиненијата во наредниот период пред судот ќе треба да се појават членови на највисокото раководство и на ВМРО ДПМНЕ и други високи државни функционери.

Две лица од претходната Влада се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување со набавката на службениот Мерцедес. Во случајот Тенк две лица при набавката ја фаворизирале фирмата која го добила тендерот. Во прислушуваните разговори објавени од СДСМ набавката на ова возило била договарана помеѓу поранешниот премиер Никола Груевски и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

Утре продолжува распитот за предметот Талир во кои 14 функционери на ВМРО ДПМНЕ се сомничат за незаконско финансирање на партијата.

И за случајот Таргет се очекува неделава да биде покренато и обвинение.

Овој случај се однесува на неовластеното прислушување на УБК на телефонските разговори на повеќе од 20 илјади граѓани во период од неколку години. Во овој период биле прислушувани бинзисмени, новинари, политичари, директори на јавни претпријатија, лекари, уметници, амбасадори, љубовници и сопруги.