Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Компанијата која изминатиов период се најде во центарот на мегааферата поврзана со нелегално собирање и злоупотреба на лични податоци од Фејсбук за своите клиенти, фамозната Кембриџ Аналитика, го доживува својот крај.
Кембриџ аналитика е обвинета за неовластено користење на податоците на 87 милиони корисници на фејсбук за цели на своите политички клиенти. Компанијата преку апликација која ја разви професорот од Кембриџ Александр Коган собирала податоци на корисниците на социјалната мрежа за своите клиенти.
„Во изминатите неколку месеци, Кембриџ аналитика стана мета на бројни неосновани обвинувања и, и покрај напорите да го поправи тоа, наклеветена е поради активности кои не само што се легални, туку се и општоприфатени како стандарден дел на интернет огласувањето, и во политиката и во комерцијалниот сектор“, се вели во соопштението на интернет страницата на компанијата.
„И покрај цврстото уверување на Кембриџ аналитика дека нејзините вработени дејствуваат етички и законски, медиумската опсада ги избрка речиси сите клиенти и доставувачи на компанијата. Поради тоа е одлучено дека не се исплати продолжување на работењето“.
По избивањето на скандалот, во Америка и Европа беа отворени неколку официјални истраги, а основачот на Фејсбук Марк Закерберг неколку пати се извини за кршењето на приватноста на корисниците на најголемата социјална мрежа во светот.
Кембриџ аналитика во 2014 преку психолошки прашалник на кој одговориле 270.000 лица собрала податоци за 87 милиони корисници на Фејсбук.
Тоа на британската компанија ѝ овозможи да создаде драгоцена база на податоци пред да ја ангажира екипата на кампањата на Доналд Трамп.
Личните податоци се во центарот на економскиот модел на Фејсбук и другите технолошки компании како Твитер и Гугл бидејќи овозможуваат подобро насочување на рекламните, трговските или политичките содржини.