Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Историското судење на американскиот претседател Доналд Трамп заврши вчера вечерта, со гласањето за „импичмент“ во Сенатот кое започна во 22 часот. На крајот од гласањето, со 52 гласа „против“ и 48 гласа „за“, американскиот Сенат одлучи дека нема основа за отповикување на Трамп.
52 пратеници гласаа дека Трамп не е виновен за обвинението за злоупотреба на функцијата, додека 48 гласаа дека е виновен. Поради тоа, американскиот претседател е ослободен од обвинението.
Сенаторите кои се заколнаа како поротници требаше да одлучат дали Трамп ја злоупотребил својата должност и го попречувал Конгресот, за што беше обвинет во двата члена на отповикувањето. Трамп беше обвинет дека ја прекинал воената помош за Украина за да создаде притисок врз украинскиот претседател Володимир Зеленски да отвори истрага за противкандидатот Џо Бајден, како и дека потоа правел сѐ за да му ја отежни истрагата на Конгресот.
И покрај тоа што во последен момент републиканецот Мит Ромни најави дека ќе гласа за отповикувањето, повеќето политички аналитичари сметаа дека е малку веројатно дека Сенатот ќе се одлучи за отповикување на Трамп. за тоа беа потребни две третини од стотината пратеници кои седат во тоа тело, а 52 републиканци кои го имаат мнозинството стојат зад Трамп.
Ромни беше единствениот републиканец кој гласаше за отповикување на Трамп и првиот пратеник во историјата на САД кој гласал за отповикување на претседателот од истата партија, но само за првата точка од обвинението. За втората точка, за наводното попречување на конгресната истрага, Ромни гласаше со своите сопартијци.
Ова беше трет пат американскиот претседател да минува низ судење за отповикување, а пред Трамп тоа го минаа Ендрју Џонсон во 1868 и Бил Клинтон во 1999.