Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Експертите велат дека со воведување на здравствени пасоши (таканаречени ковид-пасоши), кој ќе биде потврда дека извесно лице е имуно на КОВИД-19, би бил корисен за спречување на повторно ширење на епидемијата од коронавирусот. Но, истовремено, овој најавен документ ги разгоре општествено-политичките страсти низ целиот свет.
Здравствениот пасош не е новост – во Југославија беше познат како „жолт картон за вакцинација“, а за оние што патуваат во земји каде што постои опасност од заразни болести, тоа служи како потврда дека биле вакцинирани, објаснува епидемиологот Зоран Радовановиќ за „Спутник“.
– Кога бев млад, на пример, ми требаше вакцина против колера за Бангладеш и траеше шест месеци. За Индија, морав да се вакцинирам против сипаници – заштитата официјално траеше три години. Можеме да претпоставиме дека вакво нешто сега ќе важи и во меѓународниот сообраќај – вели Радовановиќ.
Околу сто земји денес бараат лицето што доаѓа во земјата да биде вакцинирано против жолта треска. Разликата во однос на сегашниот здравствен пасош е што носителите на новиот ваков документ ќе бидат во голем број и, поради пандемијата, без потврда дека луѓето се имуни на оваа болест нема да можат да патуваат во многу земји.
Франција, Кина и Велика Британија планираат и предлагаат масовно воведување на здравствениот пасош.
– Во овој момент не е утврдено колку трае заштитата од вакцината. Претпоставувам дека ова нешто ќе трае можеби до 2022 година во меѓудржавниот сообраќај и да речеме нема да можете да влезете во Франција ако немате таков пасош – вели Радовановиќ.
Тој ја споменува 2022 година како година за воведување здравствени пасоши затоа што, покрај вакцинирањето на целото население, треба да се види и колку ќе трае заштитата што ја дава вакцината, а тоа ќе биде познато по година-две.
За потребата од вакцинирање на целото население зборуваат и голем број странски експерти, кои изразуваат скептицизам во однос на масовната вакцинација во текот на следната година. Покрај ограничениот број на вакцини, тие исто така го нагласуваат отпорот кон вакцините и ги цитираат резултатите од неодамнешното истражување на „Галуп“ во кое се наведува дека само околу 58 отсто од американската популација се подготвени да се вакцинираат.
Воведувањето здравствени пасоши, според Радовановиќ, би било корисно затоа што тогаш сите ќе мора да се вакцинираат и сите ќе бидат заштитени. Ако проблемот се реши на тој начин, нема повеќе да има епидемија.
Причините зошто многу големи земји, како Кина, Велика Британија или Франција, размислуваат за воведување здравствени пасоши за сите нивни граѓани, освен во безбедноста, лежат во желбата да се воспостави меѓународен сообраќај како што беше пред пандемијата. Освен лидерите на државите, и претседателите на големите авиокомпании зборуваат за здравствените пасоши, особено откако вакцините влегоа во употреба.
Прв беше извршниот директор на австралиската авиокомпанија „Квантас“, Алан Џојс, кој најави дека патниците што патуваат во Австралија со оваа авиокомпанија ќе мора да имаат здравствени пасоши. Лидерите на новозеландските и јужнокорејските национални авиокомпании го следеа Џојс во ист стил.
Сите се согласуваат за една работа – скапите и бавните мерки, како што се тестирањето и карантинот, мора да бидат заменети ако сакаме меѓународниот сообраќај да достигне нивоа како пред пандемијата.
Предлогот за воведување здравствени пасоши во некои земји е претворен во политичко прашање кое се крена на политичката сцена. Ова е случај во Франција, каде што според нацртот на новиот закон, се предвидува воведување на здравствени пасоши за сите граѓани.
Нацртот предлага на оние што не можат да докажат дека се негативни на коронавирусот или не биле вакцинирани, да им бидат забранети одредени активности и пристап до јавен превоз или на други локации. Десничарската опозиција, предводена од Марин Ле Пен, го нарекува нацртот на новиот закон „здравствена диктатура“.
За разлика од Франција, каде што воведувањето здравствени пасоши беше придружено со најекстремни мерки, кинескиот претседател Си Ѓинпинг предложи воведување на глобални здравствени кју-ар кодови на состанокот на лидерите на Г-20 пред околу еден месец. Според него, тоа ќе ги обнови меѓународната трговија и патувањата.
На воведувањето здравствени пасоши во Велика Британија се работи од мај – британските власти почнаа да работат на воведување електронски здравствени пасоши во соработка со приватниот технолошки сектор.